Пецаков: Општина Охрид сама ќе ја затвори депонијата Буково кога ќе се изгради регионалната депонија во Новаци

Кирил Пецаков градоначалник на Охрид/ фото: Драган Митрески - Слободен печат

Општина Охрид со сопствени сили и пари ќе ја затвори нестандардната депонија Буково, веднаш штом ќе биде завршена регионалната депонија во Новаци, чиј почеток на изградбата се очекува на почетокот на следната 2024 година, вели градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков. За пожарот кој деновиве гореше на депонијата, градоначалникот вели дека е изгаснат, но чад сè уште има.

– Од депонијата сè уште чади. Таму ќе се фрла земја сè додека не се изгуби чадот. Инаку, пожарот избувна пред седум дена и првиот пат беше брз изгаснат. Но, по два дена пак избувна пожар, на спротивната страна на депонијата, од горните краеви, заради што мислиме дека некој намерно го подметнува. Има чувари на депонијата, има и влез,  но теренот е таков и потпалувачите успеваат во намерите. Не знам кои би биле мотивите за некој намерно да пали депонија, не можам да шпекулирам. Можно е да е заради старо железо, оти огнот ќе го изгори запаливиот материјал, па металите се појавуваат – вели градоначалникот Пецаков за „Слободен печат“.

Тој вели дека е многу непријатно среде туристичка сезона, во град полн со туристи, да се чувствува мирис на запалено ѓубре. Според него, миризбата допира до Охрид, но не толку интензивно, оти депонијата е на 15-на километри од чадот, на границата со Општина Ресен.

Пецаков вели дека вчера во Охрид биле претставини од Министерството за животна средина во врска со отварањето на регионалната депонија во Новаци.

– Ја гледавме локацијата за претоварната станица во Охрид, која ќе биде на локалитетот Мауцкер. Треба Советот на општината да донесе одлука за формирање на регионално јавно претпријатие, по што Министерството може да ги повлече обезбедените пари и да ги префли на сметката на новото претпријатие. Изгледно е дека изградбата на регионалната депонија Новаци ќе почне следната година. Во Југозападниот регион ќе има седум или осум претоварни станици – вели Пецаковски.

Гаснење на запалената депонија Буково, фото: Охридски комуналец

Со отварањето на регионалните депонии за преработка на отпадот ќе се реши проблемот со сите нестандарди депонии во Македонија, кои ги има 54. Во стратешките документи на Министерството за животна средина кои се однесуваат на управувањето со отпадот е наведено дека Министерството ќе обезбеди финансирање за изградба на регионалните депонии, но секоја општина мора сама да најде начин и пари да ги исчисти актуелните депонии.

За депонијата Буково е наведено дека таа е со висок ризик, со депонирани 200.000 кубни метри отпад, а за ремедијација ќе бидат потребни околу два милиони евра.

– Да, Општина Охрид сама, со свои средства ќе ја санира депопнијата Буково. Стручни лица ќе проценат на кој начин е најдобро да се санира околината, дали со затрупување со длабоки слоеви земја или на други начини – вели Пецаков.

Депонијата Буково е отворена во 1972 година. Речиси секое лето е опожарена, што го загрозува здравјето на луѓето во околните населени места преку загадениот воздух, но и преку исцедокот со кој се загадени подземните води што во регионот се користат за пиење и за полевање.

Ранг-листа на 20 најопасни депонии во Македонија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот