Пандемијата ја притисна и модата: Текстилците се тестираат, машините молчат

Најголемиот дел од штипските конфекции што се затворени поради ковид-19 се обезбедени со нарачки, па затоа нивните сопственици се подготвени на своите вработени да им го платат тестирањето, за да се види колку од нив се здрави и може да продолжат со работа, вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи (ОРМ). Се зависи од добиените резултати, а за намалување на ризикот, во некои конфекции ќе се користи двонеделен одмор. За да се спречи ширењето на вирусот, сите конфекции ќе постават ковид-19 координатори.

Според Димитров, генерално од почетокот на пандемијата немало откажувања на нарачките, но евидентно е нивното намалување. Германија е нашиот најголем текстилен партнер, а извозот главно се темели на лесна конфекција (женски блузи, машки кошули и панталони).

– И покрај тоа што некои од големите странски брендови прогласија банкрот во изминатиот период, за среќа нашите партнери сѐ уште се држат. Но, евидентно е дека се намалуваат нарачките. Она што загрижува е фактот дека пандемијата не влијаеше само врз индустријата туку и врз трговијата, па голем број продавници за текстил во светот не работеа во изминатите два месеца. И сега кога продавниците се отворија, стравот од можното заболување ги држи купувачите подалеку од нив. Само, како пример, во меѓувреме банкротираше и една голема трговска куќа во Германија, во чии дваесетина стоковни куќи се продаваа и македонски текстилни производи. А сега да се бараат нови партнери е многу тешко – објаснува Димитров.

Колку е сложено да се работи во вакви услови, според Димитров, може да се види и преку податокот дека не се остварија и надежите за зголемени нарачки на медицинска работна облека, бидејќи освен специјалните ковид-скафандери, другата облека не им е потребна на странските болници поради откажаните здравствени интервенции. Сето ова влијае и врз ликвидноста на оваа трудоинтензивна гранка, па затоа Димитров констатира дека најважно од сѐ ќе биде што побезболно да се извлечеме од овие состојби и што побрзо да ги надоместиме штетите, не само во текстилната туку воопшто и во целата индустрија.

Текстилната индустрија вработува околу 30.000 луѓе, што претставува приближно една третина од сите вработени во производствениот сектор. Индустријата е извозно ориентирана и реализира околу 400 милиони евра на годишно ниво. Повеќе од 90 отсто од извозот оди во Германија, Грција, Холандија, Велика Британија. Водечка извозна земја за македонската текстилната индустрија е Германија, на која отпаѓа и до 63 отсто од извозот.

Според регионалната поставеност, најголем дел текстилната индустрија е лоцирана во Источниот статистички регион. Најголема концентрација на текстилни компании има во Штип, каде што се регистрирани повеќе од 70 конфекции, потоа следува Кочани со повеќе од 50 компании и Делчево со над 30 конфекции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот