Овдека повеќе нема збунети, сите полека полудуваат!

Сашо Орданоски
Сашо Орданоски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Сѐ на сѐ, работата е тотално забегана, доколку посматрате од ракурс на малцинството. Доколку сте дел од мнозинството, радувајте се на катастрофата којашто несопирливо доаѓа, а чии први – само први – жртви ќе бидат припадниците на малцинството.

Доколку имате време, а и желба, да се занимавате со состојбата на духот на нацијата, најновата студија што ви стои на располагање се вчера објавените резултати од истражувањето на јавното мислење во Македонија од страна на Институтот за демократија Социетас Цивилис од Скопје. Институтот е угледен, анкетата е методолошки издржана, спроведена во јуни годинава, а резултатите се… па, за на колективна бајачка!

Да ви ја скратам маката (иако ве охрабрувам да ги прочитате тие нецели триесетина страници во целост), истражувањето низ четириесетина внимателно формулирани прашања се обидува да ја измери распространетоста и прифатеноста на политичките популистички тенденции меѓу граѓаните на Македонија како функционален политички супститут наспроти, евентуалните, идеолошки партиски понуди во државата. А и на здравиот разум, воопшто.

Заклучоците се очекувани, во двотретински наспроти еднотретински соодноси: политичарите се расипани, „народот“ е морално супериорен во однос на елитите кои се корумпирани и криминални; довербата кон демократските институции е на рекордно ниско ниво; „народот“ преферира „цврста рака“ („униформираните“ институции, како црквата и армијата, се далеку попопуларни од цивилните институции на демократијата)… Спасот е во популистичките водачи кои би понудиле брзи решенија, сега и веднаш, по можност со компоненти на одмазда. И, да, етничките Македонци се (пристојно речено) најконзервативниот дел од „народот“, со најмногу изгубени нерви и трпение по сите битни демократски основи.

Ова се трендови кои, за оние кои се занимаваат со нивно подолгорочно научно следење, не се многу изненадувачки, бидејќи со децении се релативно стабилни во својата растечка линија на ваков развој.

Но, забавниот дел од ова истражување (ако не сте склони кон депресии) е анализата на „отпорноста“ на „народот“ кон конспирациите. Внимавајте, од испитаниците, 72% целосно или делумно се согласуваат дека светот го водат неколку моќни семејства; 64% мислат дека пандемијата е лабораториски создадена за контрола врз луѓето; 46% веруваат дека климата се контролира со сателити и радари; 45% се уверени дека Министерството за здравство, заради пари (?!), запишува повеќе умрени од ковид-19; 46% се согласни дека вируси се прскаат со авиони; климатските промени се измислица за речиси 30%; а дека медиумите претежно шират лаги веруваат 57%…

Ууууу, овде бројот на збунети рапидно се намалува, сите полека, но сигурно, полудуваат!

Но, ако мислите дека објаснувањето е во некогашното „прост народ, силна држава“ – и во тоа се лажете. Цитирам: „Високото образование е фактор којшто влијае врз подложноста кон теориите на заговор. Така, постои забележлива разлика кај ставовите околу пандемијата, каде што 65% од високообразованите сметаат дека таа е креирана за контрола на луѓето, наспроти 74% од оние со средно образование. 43% од оние со високо образование сметаат дека климата се контролира со радари и сателити, наспроти 58% од оние со средно и 62% – со основно. Слично е и со теоријата за фалсификување на бројот на мртви од КОВИД-19, каде што 43% високообразовани сметаат дека Министерството потплатувало, додека истото мислење е присутно кај 53% од оние со средно и кај 61% од оние со основно образование. Во однос на степенот на образование, разликата е видлива уште кај теоријата дека климатските промени се измислица, но таа е помеѓу оние со основно образование (42%) и оние со средно и со високо (околу 30%).“

Хмммм… Ова тешко се оправа.

(Додуша, корелацијата на ваквите ставови во однос на образованието на испитаниците можеби повеќе говори за квалитетот на средното и високото образование кај нас, отколку за фантазиите во кои живеат нашите академски сограѓани… Но, за тоа се потребни други истражувања.)

Сѐ на сѐ, работата е тотално забегана, доколку посматрате од ракурс на малцинството. Доколку сте дел од мнозинството, радувајте се на катастрофата којашто несопирливо доаѓа, а чии први – само први – жртви ќе бидат припадниците на малцинството.

Јас не би нудел друг заклучок, бидејќи – барем статистички – и мнозинството од оние кои ова го читаат – вие, де! – веќе имаат закрвавени очи и истенчено трпение како флис-папир.

Но, сепак, упатно е да се раскаже една поучна историска приказна, од која се сомневам дека некој нешто би научил. Имено, познати се објаснувањата дека двајцата светски прочуени и прославени филозофи и социолози Теодор Адорно (Евреин по татко) и Макс Хоркхајмер (од семејство на ортодоксни Евреи), обајцата припадници на влијателната Франкфуртска критичка школа на филозофско мислење, ја напуштиле Германија кон средината на триесеттите години од минатиот век, по доаѓањето на Хитлер и нацистите на власт, бидејќи од социолошките истражувања на трендовите и расположението во тогашното германско јавно мислење на време сфатиле кон што одат работите, за почеток, во нивната татковина… Другото е, буквално, историја.

Тоа е. Како што стојат работите, има уште само 3-4 години фора за оние кои мислат дека е време да се пакуваат куферите. Бидејќи и денеска, видов, летаа авиони над нас и нешто прскаа!

Видео на денот