Осврт кон 41. Скопје џез-фестивал: Ширење на хоризонтот кон нови музички појави

Прогресивната музика, ексклузивниот концепт и присуството на врвните имиња од светската современа џез и импро-сцена остануваат најсилните карактеристики на Скопскиот џез-фестивал.

Култниот проект на прославениот трубач, композитор и аранжер, Роб Мазурек, заедно со силниот и моќен ансамбл „Експлодинг стар оркестра“ дополнет со дваесетина гудачи од Европскиот креативен оркестар при институтот „Фејм‘с“ фуриозно го отвори 41. издание на Скопскиот џез-фестивал.

Првата вечер на 13 октомври цврсто ја постави музичката траекторија на фестивалот што траеше четири дена, до 16 октомври, и претстави десет проекти на две локации – во Националната опера и балет и во Младинскиот културен центар.

Каква музика ќе се слуша на фестивалот можеше да се насети уште со појавата на авангардното дизајнерско решение на постерот, креиран од Таби Азири. Концептот на фестивалот не попушти ниту милиметар од претходно зацртаната линија да го носи најсвежото, најпрогресивното и најавангардното од светската современа џез-сцена.

Роб Мазурек со „Експлодинг стар оркестра“ и гудачкиот оркестар на „Фејм‘с“ / Фотографија: Скопје џез-фестивал / Татјана Ранташа

Самиот факт што концертот на отворањето беше подготвуван неколку месеци, а музичарите во Скопје пристигнаа од неколку страни на светот зборува за сериозноста со која се подготвува Скопје џез фестивал и за упорноста на организаторите покрај сите „кризи“ да не дозволат да се случи најтешката – кризата на креација. Напротив, програмата не само што понуди врвни проекти за слушање, туку и фасцинираше со ширењето на хоризонтот кон нови музички појави.

Албумот „Дименжнл стардаст“ носи широк спектар состојби и амплитуди што се движат од хармонија кон дисторзија и обратно. Сето тоа е поткрепено со виртуозна изведба на членовите на оркестарот, споено со поезија и нијансирано со инвентивно користење на перкусиите. Настапувајќи на сцената како трубач, перкусионист, диригент, воодушевен и фасциниран слушател кој истовремено како да танцува на сцената, Роб Мазурек го контролираше секој тон од почетокот до крајот на концертот.

Роб Мазурек со „Експлодинг стар оркестра“ и гудачкиот оркестар на „Фејм‘с“ / Фотографија: Скопје џез-фестивал / Татјана Ранташа

Фасцинацијата од музиката беше видлива и кај самите изведувачи, не можејќи да го сопрат ритамот на своето срце. Таков концерт не само што ретко се гледа во Скопје, туку не можат да си го дозволат ниту многу џез-фестивали во светот, а на прсти се бројат тие каде што Мазурек успеал да собере таква величествена музичка екипа.

Хамид Дрејк со проектот „Турија“ / Фотографија: Скопје џез-фестивал / Татјана Ранташа

Изненадувањата на фестивалот продолжија и следните вечери. Специјалниот проект „Турија“ на џез-перкусионистот Хамид Дрејк, посветен на делото на афроамериканската активистка, композиторка, органистка, пијанистка, харфистка, авторка на неколку книги и духовен водач, Алис Колтрејн, зрачеше со спиритуален џез дополнет со поезија и танц.

Покрај музичките изразни средства, во текот на концертот Дрејк си ја отвори душата и на публиката ѝ ја раскажа својата приказна за влијанието што врз него го имала Алис Колтрејн. Почнувајќи од првата средба, кога имал 16 години, и понатаму во животот, кога почнал да ја чувствува како своја мајка, жена, спиритуален учител. Вториот пат кога ја видел била уште помоќна, а нејзината близина ја почувствувал како „боженствена присутност“. Таа го навела на патот на вистината, да трага по вистината за себе и за светот околу себе. Таквата потрага му овозможила да ја открие примордијалната реалност што постои околу сите нас, но не сите можат да ја видат. Затоа потенцираше дека уметниците се вистинските чувари на вистината, ја гледаат и ја пренесуваат на другите луѓе преку своите креации.

Амаро Фреитас / Фотографија: Скопје џез-фестивал / Татјана Ранташа

Нешто божествено имаше и следната вечер, кога на сцената во НОБ излезе бразилскиот пијанист Амаро Фреитас со своето трио. Препознаен како клучен претставник на новата генерација џез-пијанисти, Фреитас фасцинира со своето уникатно свирење, но и со свежината на духот што зрачи од сцената. Лесно успева да ја поведе публиката заедно со него да ги отпее фразите што тој ги свири на пијаното. „Музиката е нашата сила“, кажа тој „газејќи“ врз пијаното како брз воз.

Горан Кајфеш со „Субтропик аркестра“/ Фотографија: Скопје џез-фестивал / Татјана Ранташа

Истата вечер мелодичен и игрив џез понуди шведскиот трубач, композитор, аранжер и продуцент со хрватско потекло, Горан Кајфеш, кој настапи со неговиот „Субтропик аркестра“. Инспирирани од најразновидни културни пејзажи, како ерменски фолк танц, турски психоделичен фанк, весела бразилска музика, шведски експериментален рок од 70-тите, нигериски афробит, етиописки звуци, американски инди-рок, нивната музика носи неверојатна страст и сензуална свежина.

Тамбскру / Фотографија: Скопје џез-фестивал / Татјана Ранташа

Последната вечер во НОБ го донесе триото „Тамбскру“, претставено како гордоста на бруклинската авангардна џез-сцена, составено од долгогодишните соработници – гитаристката Мери Халворсон, басистот Мајкл Форманек и тапанарот Тома Фуџивара, а во кое сите тројца придонесуваат подеднакво, како во однос на композицијата, така и во импровизацијата. Зад себе веќе имаат седум албуми. Нивната музика прави да ви биде убаво на душата заради суптилно вткаената виртуозност на изведувачите.

Ингебригт Хакер Флатен со проектот „(Егзит) Кнарр“ / Фотографија: Скопје џез-фестивал / Татјана Ранташа

Како контрапункт на „Тамбскру“, последниот концерт во НОБ го донесе моќниот звук на проектот „(Егзит) Кнарр“ на басистот Ингебригт Хакер Флатен со неговата скандинавска екипа. Нивната музика е посвета на различните места кои Флатен ги посетил, а секоја песна го доловува духот на градовите, како Остин, Чикаго, Трондхајм, Амстердам… Музиката е резултат на богатите искуства на басистот во различни жанрови и традиции изградени во текот на долгата кариера, длабоко вкоренети во џезот и авангардата, како и во музиката на светот и психоделичниот рок.

Зулу 3.4 / Фотографија: Скопје џез-фестивал / Татјана Ранташа

Честа да ја претстават македонската џез-сцена на 41. Скопје џез фестивал ја имаа две млади и прогресивни групи. Бендот „Зулу 3.4“ во изминатиов период веќе имаше неколку настапи на значајни фестивали во регионот, а концертот на скопскиот фестивал беше потврда дека колективно и заслужено ја добија наградата Најдобри млади џез-музичари во 2022 година.

Првпат во неколкугодишната историја на наградата е доделена на група, а не на поединец. Станува збор за млади академски музичари, со исклучителен талент, долгогодишно искуство и сериозен професионален пристап. Со три албуми зад себе веќе докажаа дека и публиката треба да им посвети сериозно внимание.

Такси конзилиум / Фотографија: Скопје џез-фестивал / Татјана Ранташа

И кај вториот бенд, „Такси конзилиум“ има двајца носители на наградата за најдобар млад музичар, но од претходните години, а на гитаристот Филип Букршлиев и басистката Андреа Мирческа во бендот им се придружија кларинетистот Благојче Томевски и тапанарот Драган Теодосиев. Речиси и да не е можно да се одредат влијанијата во нивната музика, но токму недефинираноста е нивната најсилна карактеристика. Нивните настапи се одржаа на сцената во Денсинг салата на Младинскиот културен центар (МКЦ).

Абакаши / Фотографија: Скопје џез-фестивал / Татјана Ранташа

Концептот на организаторите беше предвидел токму во МКЦ да се случат најавангардните настапи на годинашниот фестивал. На 14 октомври тоа беше концертот на триото „Абакаши“. Оформена околу неверојатниот француски гитарист Џулиан Депре, оваа сосема нова инкарнација на класичната рок-постава гитара/бас/тапани претставува интензивна, наелектризирана и гласна звучна скулптура, обликувана од рок-идиомот.

Генијалниот Роб Мазурек најде свое место и на сцената во МКЦ, каде заедно со поетот Дејмон Локс од „Експлодинг стар оркестра“ и специјалниот гостин Маурицио Такара го претставија проектот „Њу фјучр сити радио“.

Проект „Њу фјучр сити радио“ / Фотографија: Скопје џез-фестивал / Татјана Ранташа

Вечерите во МКЦ беа можност да се слушнат граничните области во кои се движи светската музичка авангарда. Токму тие концерти го потврдија недвосмислениот концепт на Скопскиот џез-фестивал да ги надминува границите на очекувањата на публиката и Скопје да го поставува на мапата на музички најпрогресивните градови во светот.

(Освртот е објавен во „Културен печат“ број 151, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 22-24 октомври 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот