Осум години од смртта на Србо Ивановски, еден од најзначајните македонски книжевни автори

Србо Ивановски / Колаж: СП.

Србо Ивановски е еден од најзначајните македонски книжевни автори. Неговиот опус опфаќа поезија, раскази, романи, драмски текстови и детски книги. Роден е во 1928 година во Штип. Дипломирал на групата Јужнословенска книжевност на Филозофскиот факултет во Скопје. Во литературата се јавува по Втората светска војна. Работел како уредник во Телевизија Скопје. Тој е член и поранешен претседател на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) од 1949 година, како и член на македонскиот ПЕН-центар.

За своите дела, Ивановски е добитник на наградите „Кочо Рацин“, „13 Ноември“ и „Стале Попов“. За поемата „Елена“ во 2006 година ја добил наградата „Григор Прличев“. За целокупниот поетски опус, во 2008 година ја добил наградата „Книжевно жезло“, што ја доделува ДПМ. За српското издание на неговата книга песни „Маѓепсан патник“ во 1976 година ја добил наградата „Бранко Миљковиќ“. Починал на 12 март 2014 година во Скопје.

Во поезијата созадавана од деведесетите години на минатиот век наваму, Ивановски се свртува кон егзистенцијалните состојби на современиот човек кон неговите дилеми и искушенија. Во оваа фаза (посебно во книгите „Прстен на времето“, „Горчлив корен“, „Челост на времето“, „Близу до смртта, близу до животот“ и „Ангелот и лудите цвеќиња“) доаѓа до израз богатото животно и творечко искуство на Србо Ивановски при што неговата поезија освојува со својата едноставност и длабочина, пишува Веле Смилевски за Ивановски.

Носејќи ја својата несоница, Србо Ивановски се движи во мракот сигурно и суверено, како да скока од ѕвезда на ѕвезда. И ни кажува низ своите стихови: спроти мракот и ѕвездите. Или: нема таков мрак што поетската ѕвезда не може да го осветли. Врз такви темели тој ја гради својата необична филозофија на (поетската) несоница.

Да нема недоразбирање, а тоа се гледа и од читањето на неговата последна книга: Србо Ивановски, како поет е едно од водечките имиња на т.н. лирско крило во македонската поезија. Од почеток до крај, од првата до последната книга – низ секој слог. Низ секој негов стих се слуша ѕунот на неговата лира. Се слуша така што влегува во вас и станува специфичен внатрешен ѕун што долго, долго се памети. Не била, значи, работата само суверено да се владее со сопствените поетски чувства, ами тие да се всадат и како чувства во меморијата на читателите. Србо Ивановски е од Штип и – случајно или не – тишините незаобиколната тема на сите штипски поети, почнувајќи од Тишина од Ацо Шопов, до денешни дни. И Србо Ивановски излегува на мегдан на тишината:

Сонот е в затвор
Тишината без почеток
и нигде не завршува.

А којзнае дали песната негде завршува, пишува Ристо Лазаров за Србо Ивановски.

О, НЕДОРЕЧЕНОСТ!

Сенките на спомените
во облеки на сонот
најбудни во темнината.
Сочувај ги!

А тешката сенка
на планината
создадена за да измамува
Плисни ја од чашата
Планините немаат сенки.

Секој збор ослободен
од занданата на мислата
или од ќепенокот
што не’ дели од светлината
остави, нека отпатува,
ничиј е и секому му припаѓа.

Ти си пастирот
на сенките од неизбиднатото
Ти си одреден за да го будиш
неизреченето!

ТОЛКУВАЧ НА МОГИЛАТА НА ПОЕТОТ

Овде е правта од неговото чело
И трошната патека на полжавот
Што помина по неговата насмевка

Негде овде е ружата на неговиот глас
Присутна а сепак недопирлива
Бидејќи се чини невистинита
Дури и тогаш кога
Ќе ве допре со својот оган.

Овој бел камен овде е заглавјето
За неговиот длабок сон што не истекува
Но никој се уште не стапнал
Во таинствата на тој кладенец

Во него ги чуваме зборовите
Од незапишаната песна.

ПЕСНИТЕ НА СОНОТ

Чудни се песните на сонот
иако се будат по темнина.

Нивните цвеќиња ноќеваат
во потајни градини

Во тие градини
без ѕидови и порти
песните на сонот
од цветовите збираат мед.

Слушнатото не е слушнато
Виденото не е видено

Така растат песните на сонот.

Едно жарче – огнено жарче
Цела ноќ со пепелта се бори
Никако да згасне

Во одаите на темната ноќ
на песните
жарчето им е сонце.

Поезија од Србо Ивановски: „Покана за вечера“ посветена на Блаже Конески

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот