
Основните училишта во Кисела Вода ќе штедат струја со фотоволтаици
Сите училишта во општина Кисела Вода од денеска имаат фотоволтаични системи, откако во функција беа пуштени и фотоволтаиците поставени на покривот на основното училиште „Невена Георгиева Дуња“.
Препорачано
Како што соопштија од Општината, проектот за фотоволтаици се реализира преку Програмата за развој на планските региони. Инвеститор е Владата преку Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, а имплементатор е Центарот за развој на Скопскиот плански регион. Кофинансирањето за вкупно осум училишта, од кои седум се од општина Кисела Вода и едно од Општина Зелениково, го обезбеди Општина Кисела Вода.
Со овој проект постигнуваме значителни заштеди, но покрај финасиската ефикасност, ова е и дополнителна инвестиција во подигнување на еколошка свест. На нашите ученици им овозможуваме да растат со конкретни примери на грижа за животната средина. Наместо само да им зборуваме за екологија, им покажуваме што значи одговорност. Со проектот беше извршено проектирање и инсталација на мрежни он-грид фотоволтаични системи до 20 kW во сите основни училишта. Вкупната инсталирана моќност изнесува 140 kWh, а се очекува годишна заштеда од 160 MWh, што е намалување на потрошувачката за 70% до 80% по училиште и претставува 18% од вкупната потрошувачка на општината, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Во време на економски и енергетски предизвици, вели тој, вложуваме паметно, создавајќи училишта кои произведуваат зелена енергија, заштедуваат средства и образуваат генерации кои ќе бидат свесни за важноста на екологијата.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 10.096.691 денари, односно нешто повеќе од еден милион денари по училиште, соопштуваат од Општината.