Османи: За радикалниот ислам нема толеранција и оправдување

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска имаше средба со Георг Вуцас, вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Австрија во Република Северна Македонија, по последните трагични случувања и убиства во Виена.

На средбата Османи ја пренесе македонската поддршка за Австрија во справувањето со вчерашниот акт на тероризам, изрази сочувство за семејствата на жртвите и настраданите и ги пренесе желбите за што побрзо заздравување на повредените.

Османи, како што соопшти неговиот Кабинет, посочи дека веќе во неколку наврати и на повеќе нивоа, највисоките претставници на земјава изразија сериозна и бескомпромисна осуда на овој терористички чин. Тој напомена и дека за радикалниот ислам и за сите форми на екстремизам нема толеранција и оправдување. Воедно го информира Вуцас дека македонските безбедносни структури се во целост ставени на располагање за потребите на органите на прогон на Австрија, како и на Европол.

Тројца македонски државјани родени во Австрија, учесници во терористичкиот напад во Виена

Силно го осудуваме синоќешниот терористички напад во Виена и ја споделуваме болката со нашите австриски и европски пријатели. Тероризмот не признава ниту нација, ниту религија, ниту потекло, и цврсто стоиме против сите негови форми, без разлика од кого е сторен. Сега е најважно да се покаже солидарност и координација во заедничкиот одговор против ваквото зло, кое штети на толеранцијата меѓу религиите и нациите, и се заканува да создаде раздор помеѓу Европа и други делови од светот. Одговорот треба да биде едногласен и одлучен, солидарноста на Европа е клучна во овие моменти на заштитата на нашите демократии, истакна Османи, посочувајќи дека Република Северна Македонија и како членка на НАТО и како земја – кандидат за членство во ЕУ, активно придонесува кон меѓународната коалиција за борба против тероризмот од било каков вид.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи (десно) на средба со Георг Вуцас, вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Австрија

На средбата Османи изрази целосна подготвеност на нашите безбедносни структури за активна соработка со безбедносните органи на Австрија и Европол.

-Со оглед на појавените информации за можните двојни државјанства на некои од учесниците, добив потврда од нашите безбедносни структури дека се во целост ставени на располагање за потребите на органите на прогон на Австрија, како и на Европол. Северна Македонија ќе се залага безрезервно во справувањето и сузбивањето на ваквите и било какви други видови на тероризам и насилство врз невини луѓе, кои ја загрозуваат стабилноста и демократијата на Европа, и ги нарушуваат основните нејзини вредности и принципи, рече Османи и упати уверување за целосна соработка и отворена поддршка од земјава за расчистување на целиот случај и изведување на напаѓачите пред судот на правдата. 

Претседателот Стево Пендаровски денеска, во телефонски разговор со неговиот австриски колега Александeр ван дер Белен, остро го осуди синоќешниот терористички напад во центарот на Виена и изрази жалење за загубените животи во овој насилнички акт, информираат од Кабинетот на шефот на државата.

Пендаровски со осуда и сочувство до австрискиот претседател за терористичкиот напад во Виена

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот