
Османи во Ерменија: До мировен договор со Азербејџан, прифатлив за сите
Дијалогот помеѓу Азербејџан и Ерменија беше главна тема на денешната средба на министерот за надворешни работи и претседавачот со ОБСЕ, Бујар Османи со претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев.
Препорачано
– Сметам дека ситуацијата овозможува конструктивно ангажирање низ различните меѓународни и билатерални платформи за да се дојде до мирно решение и да се постигне мировен договор кој ќе биде прифатлив за сите, а со тоа да биде и одржлив – изјавил Османи на средбата со Алијев.
Тој најавил дека ќе продлжи со избалансиран пристап, а ОБСЕ со сите свои предизвици со кои се соочува, сè уште претставува форум кој е вистински заинтересиран да види мир во овој клучен регион.
Како што соопшти МНР, Османи истакнал дека преку постојни и идни активности, ОБСЕ ќе поддржи решенија кои придонесуваат за стабилноста и безбедноста и кои ја подобруваат состојбата на населението погодено од конфликти.
– Посебно бев заинтересиран да слушнам за прашањето на интеграцијата на Ерменците во Азербејџан и како по долги години конфликти и тензии може повторно да се воспостави стабилност и доверба – рекол Османи.
Тој побарал поддршка од Азербејџан, како долгогодишен партнер на ОБСЕ, за решавањето на најитните прашања на Организацијата и на тој начин подобро справување со безбедносните предизвици што го засегаат Јужен Кавказ, но и поширокиот регион на ОБСЕ.
Денеска Османи ќе има и средби со министерот за надворешни работи, Џејхун Бајрамов и со претседателката на Националното собрание на Азербејџан, Сахиба Гафарова.