Османи бара креативни решенија против руските вета: ОБСЕ и Москва во отворен судир

Бујар Османи/Фото: МНР

Веќе предложив „креативни решенија“ во врска со руската блокада на кандидатурата на Естонија за претседавач, именувањето лица за раководните позиции, како и за буџетот на Организацијата, вели за „Слободен печат“ Бујар Османи, министер за надворешни и претседавач со ОБСЕ.

Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, сега и претседавач со ОБСЕ, вети дека нема да дозволи најголемата организација за безбедност во светот да доживее колапс, поради тоа што Русија со ставање вета сака да го парализира нејзиното функционирање по инвазијата на Москва врз Украина. Проблемите за ОБСЕ се зголемија откако Русија ги блокираше одлуките за буџетот на организацијата и за нејзиниот иден претседавач.

– Руската Федерација ја блокира кандидатурата на Естонија за претседавач со ОБСЕ за 2024 година, именувањето лица за раководните позиции во Организацијата, како и нејзиниот буџет. Пристапот на Русија од типот „игра со никаков исход“, што ескалираше уште по почетокот на војната во Украина, ја парализираше Организацијата. Во вторникот свикав вонреден Постојан совет на ОБСЕ во Виена, на кој се одзваа поголемиот број министри за надворешни работи на земјите учеснички и се разговараше за предизвиците на Организацијата поврзани со отсуството на консензус по однос на клучните прашања за нејзината функционалност – ни изјави Османи.

Тој лично разговарал со најголем број колеги од земјите учеснички и тие ќе „направат сѐ што треба, а што е во рамките на принципите и заложбите на ОБСЕ за да ѝ се обезбедат континуитет и функционалност“.

Османи телефонски разговараше и со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Додека македонското МНР објави дека Османи се осврнал на „предизвиците на ОБСЕ во регионот и ја повторил приврзаноста при претседавањето на Северна Македонија кон почитување на темелните принципи и заложби на ОБСЕ“, од руското МНР беа поконкретни:

„Се разговараше за актуелни прашања од агендата на ОБСЕ. Главното внимание беше посветено на системската криза во Организацијата, изгледите за назначување на претседавањето со ОБСЕ за 2024 година и шефовите на извршните структури, како и на пречките за усогласување на консолидираниот буџет на Организацијата за тековната година“. Сергеј Лавров ја истакна потребата за нормализирање на активностите на ОБСЕ врз основа на Деловникот, за развојот и донесувањето на одлуките исклучиво во согласност со основното правило на консензус, соопшти руското МНР.

Иако и двете министерства не објавуваат детали од разговорот, дипломатските пораки се јасни. Но, како да се надминат проблемите помеѓу ОБСЕ и Москва? Многу членки на организацијата и натаму се песимисти дека ќе се најде заедничко решение, нагласувајќи ја потребата од единство и соработка за да се обезбеди безбедна иднина. Судбината на ОБСЕ, според нив, е во рацете на членките, а Османи заклучува дека „предизвиците се огромни и за нивно надминување треба да се дејствува заеднички“.

Османи за „Слободен печат“ рече дека веќе предложил „креативни решенија“ и за буџетот и за претседавачот со ОБСЕ во 2024 година, кои сѐ уште не се прифатени, но не откри детали. Тој додава дека има уште неколку недели да работи на постигнувањето консензус, а по тој рок ќе мора да почнат да носат одлуки.

Овие прашања не се единствените за кои се судрија Русија и ОБСЕ и посебно претседавачот Османи. Откако ОБСЕ излезе со осуда на изборите во Доњецк и Луганск, како и во областите на Запорожје и Херсон, руското МНР ја критикуваше дека не ја разбира суштината на своите овластувања и дека не треба да дава коментари за прашања за територијалната структура на земјите членки на организацијата, туку да воспостави нормална практика за следење на изборните процеси.

Претходно, Постојаната мисија на Русија во ОБСЕ во врска со одржувањето на т.н. „Прашки форум за економската и еколошката димензија на ОБСЕ во 2023 година“ соопшти дека таа „иницијатива“ е груб обид на Северна Македонија да го замени завршниот состанок на годишниот Економски и еколошки форум на ОБСЕ, традиционално одржан во септември во Прага, како резултат на нејзиниот неуспех да се договори за темата и за агендата на овој најважен настан во втората половина на оваа година. Македонското претседателство, според Москва, води „креативна дипломатија“, која го поткопува одлучувањето со консензус.

Во низата критики за претседавачот со ОБСЕ на руското МНР е и реакцијата поради одбивањето на руските невладини организации да учествуваат на настан за родова еднаквост и за зајакнување на правата и можностите на жените, под покровителство на Претседателството со ОБСЕ, што се одржа во Тетово. На настанот било планирано да присуствуваат и специјализирани руски јавни организации, но тоа им било оневозможени, како што велат од руското МНР, зашто било воведено неочекувано правило сите невладини организации да мора да имаат покана од Претседателството.

„Системот на учество само со покана северомакедонците го воведоа токму во моментот кога ги видоа Русите во списоците на пријавени. Врз основа на што Претседателството одлучува кого да покани, а кого не? Станува збор за вообичаеното фаворизирање врз политичка основа. Очигледно, северомакедонците конечно престанаа да се грижат за својот углед и не се ни обидуваат да се стремат кон непристрасност, која треба да биде карактерна за државата која ја извршува функцијата претседавач на голема регионална меѓународна организација“, реагираа од Москва.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот