Орбан испратил писмо до ЕУ: Веднаш исплатете ни ги сите средства

Виктор Орбан/ Фото: EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

Унгарскиот премиер Виктор Орбан побара од Европската комисија да ги исплати сите средства од ЕУ доделени за неговата земја, вклучително и заем во рамките на Инструментот за закрепнување и отпорност за да и помогне на Унгарија да се справи со украинската бегалска криза, изјави портпаролот на унгарскиот премиер.

Во писмото испратено на 18 март од Будимпешта до претседателката на Комисијата Урсула Фон дер Лејен и новинската агенција Ројтерс, Орбан напишал дека Унгарија сака да го искористи заемот за одбрана, гранична контрола и хуманитарни и други задачи за акутно управување со кризи.

Европската комисија не го одобри полскиот и унгарскиот план за закрепнување од пандемијата бидејќи тврди дека двете земји сè уште не ги почитувале препораките за владеење на правото.

Неизвесни избори

Извршното тело на Европската унија е во конфликт со двете влади за голем број прашања, вклучувајќи ја слободата на медиумите и правата на ЛГБТИ заедницата. Фон дер Лајен минатата година рече дека Унгарија мора да стори повеќе за борба против корупцијата.

Орбан, кој се подготвува за парламентарните избори на 3-ти април, чиј исход е неизвесен, рече дека Унгарија примила повеќе од 450.000 бегалци од Украина, истакнувајќи дека „споделената одговорност“ на земјите-членки е клучна во кризата.

„За таа цел, Унгарија бара само директен и ефективен пристап до фондовите на ЕУ доделени за неа и дека може да ги користи на флексибилен начин за најсоодветните цели за справување со кризата“, напиша Орбан во писмото.

Унгарија минатата година одби да искористи околу 9 милијарди евра заеми во рамките на Инструментот за закрепнување и отпорност на ЕУ, но според писмото на Орбан, владата сега го променила својот став.

Унгарија „бара итно обезбедување за заемот“ според инструментот, рече тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот