
Општина Карпош го повика премиерот да го едуцира Лукровски како и кога се води кампања
Општина Карпош во соопштение до јавноста го замолува премиерот Христијан Мицкоски, да го посоветува неговиот личен кандидат за градоначалник на општина Карпош, Сотир Лукровски, кој има упатено писмо до секоја фирма поединечно за средби на кои ќе се разговара за бизнис климата кај бизнис заедницата дека дека детските градинки и основните училишта во општината се правни лица а не се фирми. Од Општината прашуваат „како децата од градинките и основните училишта ќе влијаат на „подобрување на бизнис климата, преку работни средби и преку формирање на заеднички платформи“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Како што се наведува во соопштението Мицкоски треба да му објасни на Лукровски дека ги повикува на средба истите оние градинки и основни училишта, за кои неговата партија ВМРО – ДПМНЕ гласала во Советот на Карпош против одлуките, вработените од воспитно образовните установи да земаат плати, против осовременување на наставата преку набавка на смарт – панели, против заштеда на енергија и поставување на фотоволтаични панели и против реновирање на училиштата и градинките.
Од Општината сметаат дека на ваков начин со директно упатување на покана на адреса на фирмите и установите за средби се врши притисок врз директорите на јавните установи, училиштата и фирмите. Земањето податоци од правни лица и праќање на мејлови за бизнис средби како претставник на политички субјект е флагрантно кршење на законите и форма на досега невиден притисок врз обични стопанственици. Во случајов, Лукровски не знае ама премиерот знае, дека кандидат за градоначалник се станува тогаш кога Државната изборна комисија ќе ја признае кандидатурата и дека кампања се води во точно утврден временски рок. Затоа, го повикуваме премиерот Мицкоски да го едуцира својот избраник за начините на водење на кампања, притоа да избегнува притисоци и доколку тој тоа не го стори, истиот ќе мора да биде корегиран од Основното јавно обвинителство, затоа што прави груби повреди не само на на Изборниот законик, туку и на низа други закони, се вели во соопштението од Општина Карпош.

Денеска пак, Лукровски одржал работен состанок со новинари , со кои, како што стои во неговата објава на Фејсбук, сакал да ја сподели неговата визија и верба дека Карпош може да биде место на заедништво, развој и почит.
Разговаравме искрено и отворено. Им кажав дека за мене Карпош не е само административна единица или изборна карта, туку мој дом. Ние, што живееме овде сме соседи и затоа нема место за поделби на „наши“ и „ваши“. Само ако стоиме обединето можеме да изградиме општина каква што заслужуваме – чиста, уредена, зелена.. Општина која го почитува секој човек. Мојата визија не е политика на поделби, туку политика на заеднички решенија – напишал Лукровски по појадокот на кои поканил само група „избрани“ новинари.