Општина Битола на осум месеци до Нова година објави тендер за украсување на градот

Општина Битола денеска, на безмалку осум месеци пред дочекот на Новата 2024 година, објави Јавен повик за изработка на идејно решение за новогодишно украсување на градот за Нова година.

Во моментот кога меѓу коалиционите партнери Поинаку и ВМРО -ДПМНЕ нема единство околу реализацијата на проектите и кога коалицијата „виси“, локалната самоуправа уште во април размислува како ќе биде украсен градот.

Согласно критериумите за избор, идејните решенија треба да бидат уникатни и да имаат концепт, да бидат креативни и да не потсетуваат на веќе досега изведените решенија, да бидат лесно изводливи и да не бидат скапи за изведба, а декоративните елементи и украси кои треба да се приклучат на струја да бидат опишани од технички аспект (материјал, активност и време на изработка, начин на прицврстување/монтажа, маса, моќност на потрошувачка, начин на електрично поврзување и степен на заштита).

Пристигнатите идеи ќе бидат разгледувани од страна на посебна Комисија формирана за оваа намена од страна на градоначалникот на Општина Битола, а најдобрите три решенија ќе бидат парично наградени: Првата награда со 180.000 ден, втората награда е 80.000, а третата – 40.000 денари.

Ваквата одлука на локалната самоуправа предизвика различни реакции во градот. Граѓаните главно забележуваат дека општинските власти предвреме почнале да размислуваат за дочекот на Новата година, иако до пред некое време се жалеа дека немаат пари да си ја платат струјата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот