Омилениот диктатор Букеле победи на изборите на кои не можеше да настапи

Најиб Букеле со првата дама Габриела ја прославува победата - Фотографија ЕПА, Бенвенидо Веласко

Иако признаваат дека владее автократски, а според стариот Устав немаше право на втор мандат, мнозинството Салвадорци го поддржаа Букеле поради неговата успешна кампања против наркокартелите и криминалните банди

Најиб Букеле, кој самиот се нарекува „најомилениот диктатор“, почна да го прославува својот нов претседателски мандат уште пред да бидат објавени првичните резултати од претседателските избори во Ел Салвадор.

Харизматичниот 42-годишен Букеле, кој практично и немаше сериозен противкандидат, тврди дека освоил доверба од 85 отсто од гласачите за нов петгодишен претседателски мандат. Изборите тој ги нарече „референдум“ на кој граѓаните се изјаснуваат дали се задоволни од работата на администрацијата.

– Зошто толку многу погледи се вперени кон нашата мала држава во Америка? Тие се плашат од моќта на нашиот пример. Салвадорците му дадоа пример на целиот свет дека секој проблем може да се реши, ако има волја за тоа – изјави Букеле.

Иако признаваат дека владее автократски, а според стариот Устав немаше право на втор мандат, мнозинството Салвадорци го поддржаа Букеле поради неговата успешна кампања против наркокартелите и криминалните банди. За време на првиот мандат на Букеле зад решетки завршија 76.000 луѓе, што е повеќе од 1 отсто од вкупното население на Ел Салвадор. Партијата Нови идеи, која освои мнозинство на изборите во 2021 година, неодамна замени повеќе судии во Уставниот суд за да овозможат Букеле да се кандидира на изборите.

Меѓународната заедница и граѓански здруженија ги осудија масовните приведувања и забрзаните судски постапки, но Салвадорците истакнуваат дека денес се чувствуваат многу побезбедно отколку пред пет години.

– Мора да се менуваме. Искрено, живеев низ многу тешки периоди, соочен со војна и бандите. Сега имаме голема можност. Сакам идните генерации да живеат во подобар свет – изјави за Асошиетед прес 60-годишен жител на Сан Салвадор.

Традиционалните партии на десницата и на левицата во своите мандати не можеа да им се спротивстават на бандите, што му отвори можност на популистот Букеле во 2019 година да се наметне како решение за хаосот во малата латиноамериканска држава. Неговата Нова партија на првиот политички настап ги победи двете традиционални партии што постојано трпат критики дека се заглавени во корупција – конзервативната Националистичка републиканска алијанса и левичарскиот Национал-ослободителен фронт Фарабундо Марти. Нивните претседателски кандидати на овие избори освоија едноцифрен процент гласови.

Диктаторот е омилен кај народот – Фотографија ЕПА, Биенвенидо Веласко

Иако официјално не го почнал новиот мандат Букеле најави дека собранието ќе ја продолжи вонредната состојба, која му ја проширува моќта на претседателот во битката со криминалните групи.

– Ние не ја задушуваме демократијата во Ел Салвадор, зашто Ел Салвадор не ни имал демократија. Ова е прв допир со демократијата. Не го велам тоа јас, тоа го велат луѓето – објаснува Букеле.

Во малцинство се граѓаните што се жалат дека речиси апсолутната моќ на претседателот овозможува неконтролирано трошење пари од буџетот.

– Сѐ повеќе се отфрлаат основните начела на демократијата и на човековите права, а се поддржува авторитарниот популизам. Луѓето се чувствуваат разочарани од концептите на демократијата и човековите права – забележува Тајлер Матиас, истражител во групата Хјуман рајтс воч.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот