Оливер Стоун за Бајден: Тој е „многу опасен дедо“, мисли дека ќе ја контролира Русија ако се ослободи од Путин

Фото: EPA-EFE/ALEXEY DRUZHINYN /SPUTNIK/KREMLIN POOL MANDATORY CREDIT

Познатиот американски филмски режисер Оливер Стоун во интервју за српскиот весник „Политика“ вели дека направил грешка кога гласал за Џо Бајден на претседателските избори во САД во 2020 година.

„Тој ја поистоветува Русија со рускиот претседател Владимир Путини мисли дека доколку се ослободи од Путин, ќе ја контролира Русија како во времето на Елцин. А, тоа е само сон“, вели Стоун.

Според него, 44-от претседател на САД, Барак Обама, направил „огромна грешка“ со изборот на Бајден за потпретседател.

„Тој (Обама) толку се плашеше да не го навреди естаблишментот, што го избра најдобриот во установата, најстариот дедо, а дедото се покажа многу опасен и сега вели:„Ајде да ги убиеме Русите, сега е нашата шанса“, вели режисерот.

Стоун констатира и дека САД се „експерт за осуда на секоја земја во светот кога ќе ја премине линијата на меѓународниот поредок, она што тие го нарекуваат правила, а Америка, кога сака, ги крши сите правила и вие тоа го знаете“.

„Секако еден од најлошите случаи е (основачот на „Викиликс“ Џулијан) Асанж и неговото малтретирање. Сите кажаа дека треба да се ослободи Асанж, но САД се упорни во својата одмазда. Па, кои сме ние да покажуваме со прст во кого било? Да им кажуваме на Русите што да прават. Мислам, смешно е, имајќи предвид што имаме ние правено. Не сакам да навлегувам во пошироката приказна на ова што се случува во Украина, бидејќи тој случај воопшто не е едноставен, и сите само викаат: „Русите напаѓаат“. А, кој го предизвика тоа?“, вели Стоун.

Набргу по почетокот на војната, Стоун се соочи со критики во западниот свет поради совпаѓањето на некои негови ставови околу војната со оние на Кремљ. Само неколку недели подоцна, тој сепак ја критикуваше воената инвазија на Русија врз Украина, иако претходно тврдеше дека „нема доказ“ оти Русија се обидела да изврши инвазија врз цела Украина. Дел од американските медиуми тогаш забележаа дека Стоун има добро документирана историја на изнесување спротивни тврдења во јавните настапи за некои теми, особено кога тие се контроверзни и актуелни.

„Што се случуваше во Донбас од 2014 година и колку луѓе се отселија оттогаш зашто Соединетите Држави силно ја вооружуваа украинската војска? Од 2014 година, Украина повеќе не беше неутрална, беше против Русите и тоа е тоа што ја наруши рамнотежата“, вели за „Политика“ американскиот режисер, во оценка што исто така е многу блиску до официјалниот став на Москва околу причините за „специјалната воена операција“, како што Русија ја нарекува инвазијата врз Украина.

Оливер Стоун и Путин во јули 2019 година кога ги снимаше во Кремљ интервјуата со рускиот претседател/Фото: EPA-EFE/ALEXEY DRUZHINYN /SPUTNIK/KREMLIN POOL

Стоун направи два документарни филма за настаните во Киев – „Украина во пламен“ во 2016 г. и „Откривајќи ја Украина“ во 2019-тата, кои се соочија со забрани, бојкоти и напади. Но, тој во последните години е најпознат по серијалот „Интервјуа со Путин“, снимани од јули 2015 до февруари 2017 година, кога тој беше првиот западен режисер или новинар кој доби ексклузивен пристап до секојдневните активности и во „светот“ на рускиот претседател.

владимир путин
Оливер Стоун и Владимир Путин, 19 јули 2019 година / Фото: EPA-EFE/ALEXEY DRUZHINYN /SPUTNIK/KREMLIN POOL

Режисерот, кој себеси се опишува како „стар левичарски филмаџија“, во април годинава изјави и дека три години не се виделе со Путин, но: „човекот што јас го знам нема никаква врска со неодговорниот убиец-лудак каков што медиумите го претставуваат, споредувајќи го со Хитлер и Сталин“.

Новинарот на „Политика“ го прашува Стоун и за кого би гласал на следните избори.

„Јас би гласал за трета опција. Нема надеж за Америка, освен појава на трета страна, бидејќи и републиканците и демократите работат и функционираат исто и вложуваат исти пари во воената индустрија. Американскиот воен буџет е огромен. Естаблишментот е меѓусебно поврзан, а има многу незадоволство денес во светот“, заклучува Стоун.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот