Околу 650 млади луѓе од земјава во еден ден заминале на работа во Хрватска

Фото: wallpaperflare.com

Работата во Хрватска по туристичките места во текот на летните месеци стана атрактивна за младите луѓе од земјава. Само во неделата 13 автобуси полни со лица на возраст од 18 до 30 години заминале на работа по хрватското крајбрежје.

Келнери, рецепционери, салатери, но и собарки и хигиеничари се само дел од работните места кои се пополнети со македонски граѓани. Платите се движат од 800 евра за собарки, до 2.000 за готвачи. За помошници на готвачите платите се пониски и тие се движат до 1.200 евра на месечно ниво. Од агенциите велат дека најмасовно заминување има од градовите во централниот и источниот дел од Македонија.

И дел од студентите одат да работат во Хрватска. Чекаат да заврши јунската сесија и тие со работа ќе почнат малку подоцна од 20 јуни или први јули во зависност од договорите.

За сите кандидати од Македонија, компанијата обезбедува сместување, два или три бесплатни оброци, а работодавачот ги покрива трошоците и посредува при добивање на работната дозвола.

– Компанијата во која ќе се вработите дава и надоместок на патните трошоци од работното место до сместувањето, а ја плаќа и автобуската карта од местото на живеење до градот во кој што ќе рботат младите луѓе. Исто така за сите кои сакаат да работат и се покажат на работното место следуваат бонуси покрај редовната плата- велат од агенциите.

Студентите објаснуваат дека примамливи се понудите за летна работа. Двајца од нив кои минатата година во текот на летото работеле во Америка, годинава одат за Хрватска. Објаснуваат дека условите кои ги добиле од хрватските хотели се добри, иако платите се помали.

– Близината на Хрватска беше пресудна годинава. Се работи можеби повеќе, но се добива за тоа плус надомест. Имавме пријатели кои лани работеа и велат дека се што се нуди се исполнува поради недостигот на работна сила која ја имаат во текот на летниоте месеци- вели Дејан, студент на УКИМ.

Според неофицијални податоци од источните градови на Македонија масовно се оди во Хрватска. Неофицијалните податоци велат дека од Виница заминуваат околу 80 луѓе, од Берово стотина, а од Неготино имало дури 800 апликации.

Сѐ што се бара од кандидатите е волја за работа на Јадранското крајбрежје и апликација за работа. Македонците кои одат ќе работат како рецепционери, готвачи, собарки, хигиеничари, бармени, но и слаткари и куќни помошници за лустранци кои изнајмуваат викендици во Јадранското крајбрежје.

Дубровник / Фото: Unsplash

На хрватските сајтови стои дека платиоте кои се нудат зависат од квалификациите. Така келнери и шанкери добиваат по 900 евра плус бакшиш, помошници 800 евра плус бакшиш, готвачи 1.100-2.000 евра, помошници готвачи 950 – 1150 евра, пица мајстори 1.100- 1.400 евра, а собарки 750 евра.

Хрватска очекува да сруши рекорди претстојнава туристичка сезона. Меѓутоа, истовремено се соочува и со рекорден недостиг на работна сила. За навреме да се пронајдат работници, Здружението на трговци во Дубровник и Трговската комора на Дубровничко-неретванската жупанија уште во јануари годинава започнаа иницијатива на македонскиот пазар.

Дубровник/Фото: Архива на Слободен печат

– Има повеќе проблеми во нашиот сектор, но и понатаму на прво место е недостигот на работна сила. Доколку немаме луѓе, сѐ друго ќе биде проблем. Врз основа на искуствата од претходните години, квотите што ги имаме за странците, фактот дека на работодавците повеќе им одговараат работници од блиското соседство поради јазикот и сличноста во менталитетот, сфативме дека македонскиот пазар ни е многу важен – изјави во јануари претседателката на Трговската комора, Николина Фарчиќ.

За своето искуство со работниците од Македонија, угостителите од Сплит и Дубровник велат дека минатата година морал да увезе работна сила и имал добро искуство со македонскиот пазар. Според нив, на хрватските угостители им се потребни луѓе кои го зборуваат јазикот, а за некои професии, како персоналот, тоа е клучно.

Здружението на трговци во Дубровник и Трговската комора на Дубровничко-неретванската жупанија во моментот спроведуваат анкета на работодавците за да видат кои се најголемите проблеми со кои се соочуваат во работата. Потоа, тие планираат да работат на организирано барање работници од Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот