Охридскиот регион останува на листата на светски наследства на УНЕСКО

epa07304325 EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

На 45-тата сесија на Комитетот за светското наследство на УНЕСКО што се одржува во Ријад, Кралство Саудиска Арабија, беше донесена одлука дека Охридскиот регион останува на листата на светски наследства.

Препораките не се лесни нивното реализирање бара наше целосно внимание. За да постигнеме успех во тоа, неопходно е секој да го понесе својот дел од обврските – и централната власт и локалната самоуправа и установите и граѓаните – изјави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која присуствува на сесијата на УНЕСКО, заедно со министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Филип Тосевски, како и директорот на Управата за заштита на културното наследство, Зоран Павлов.

Фото: Министерство за култура

Костадиновска-Стојчевска посочи и дека ќе мора да направат заеднички напори со Албанија, со која ги споделуваме природните убавини на Охридското Езеро и да го зачуваат престижниот статус на светскот наследство.

Важноста на Охридскиот Регион е немерлива и трајна. Затоа, наша должност е да не го загрозуваме нашиот Охридски Регион, Регионот кој светот го препозна и ја верификува неговата уникатност, едно од 39-те мешовити добра во целиот свет, односно 43-те прекугранични добра. Ја споделуваме загриженоста за климатските промени во светот како сериозна закана и врз нашето природно и културно наследство. Апокалиптичните слики од пожарите и поплавите мора да ги толкуваме како последна опомена за човековата негрижа кон својот единствен дом – оваа планета, порача министерката.

Фото: Министерство за култура

Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова потенцираше дека заедно со Албанија ќе го направат овој регион пример за соработка и ќе обезбедат интегритетот и автентичноста на Охридскиот Регион да биде пренесен и на следните генерации.

Заштитата на природата и на биодиверзитетот остануваат наша цел, како што е донесувањето Закон за прогласување на Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категорија IV – Парк на природата и нов Закон за прогласување на Охридското Езеро за заштитено подрачје во категорија III – Споменик на природата, заклучи Шукова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот