Образовен асистент поддршка за учениците со попреченост

Исклучителен е напредокот на мојата Вики откако работи со образовен асистент, вели Дарка Трајковиќ (70), баба на ученичка во средното училиште „Киро Бурназ” Куманово. Ученичката Викторија Трајковиќ е втора година во насоката пекар во Државното средно училиште, Регионален центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ”.

Во домот во кумановското село Четирце, семејството Трајковиќ е воодушевено од постигнувањата на 16-годишното весело девојче.

– Многу солидно го прифати средното училиште. Нè побараа од инклузивниот тим, ни побараа лекарска документација и ни кажаа дека Вики ќе има асистент. Задоволни сме и од професорите, од кадарот, што не беше случај со основното образование. Сега самата бара да оди на училишта. Во основно, предизвик беше да се одведе на училиште, сега и многу сака да оди, вели со насмевка, бабата на ученичката.

Таа раскажува колку бил тежок патот да се обезбеди асистент и покрај утврдените пречки во развојот, целосната документација од медицинските установи.

– Супер е сега. Весела е. Дури и кога одеа онлајн сакаше да следи настава. Се буди половина час порано, се спрема и се вклучува, вели Трајковиќ.

Викторија одбрала пекарска насока. Ни покажа како се замесува леб. Вредна е и исполнителна во извршување на домашните обврски. Баба и е многу среќна и секоја секунда ја гушка Вики. Ја одгледала од бебе, нејзин старател е кој несебично се вложува.

– Напредокот е очигледен поубаво пишува, почна да чита и сега ќе учи како да користи пари. Во текот на годините ја подучуваа братучедите, вели Дарка.

Специјалниот едукатор и рехабилитатор м-р Ани Стојчевска,  во училиштето вели дека Вики е добро воспитана ученичка, која се труди и покажува успех. Поради условите во училиштето, кое темелно се реконструира, Вики со асистентот оди два дена и работат индивидуална програма во спортската сала на училиштето.

– Асистентката и ученичката се заедно, работат согласно она што асистентката го добила по секој наставен предмет. Работат математика, треба да го разбере концептот за пари нумерички операции, собирање одземање, вежбаат спојување на слогови, описменување, бидејќи Вики целосно не е описменета има проблеми со дисграфија, дискалкулија, повеќе развојни проблеми. Убаво напредуваат со асистентката. Презадоволна е таа и ние од инклузивниот тим. Асистентката со помош на инклузивниот тим изработува наставни ливчиња и ги дава на Вики и дава домашно е проверува во наставните денови, вели Стојчевска.

Баба ѝ дополнува дека штом се враќа од училиштето веднаш сака да го сработи домашното, за да не заборави. Важно е што е прифатена од соучениците, кои и помагаат.

Трајковиќ порачува дека секое дете со пречки во развојот уште на самиот почеток од образованието треба да има асистент кој суштински ќе работи со нив, а не само да се пуштат учениците низ системот, како што бил случајот со нејзината внука.

Нејзина желба е да заврши и четврта година. Летото ќе оди на пракса, вели Вики весело девојче кое кажа дека професорите често разговараат со неа, ја учат за хигиена при подготовка на тесто, за месење леб.

Инклузијата потребна насекаде

Стручниот логопед и лиценциран образовен асистент кој работи со Вики е Марија Милановска. Таа веќе има тригодишно искуство преку проекти. Задоволна е од работата со Вики и генерално од нејзиниот младешки избор за професија за која вели е неопходна хуманост, емпатијата, љубовта и почитта кон човечката различност.

– Да бидеш образовен асистент-воедно се чувствуваш како да си дел од нив. И покрај секојдневните задолженија од наставата, да бидам присутна на часовите, да учиме заедно и да постигнува успех во наставни содржини. Ние истовремено се дружиме, разговараме за ситуациите од секојдневниот живот и како постара од неа низ разговор се трудам што појасно да и ги доловам животните моменти за кои во тој момент водиме полемика. Едноставно, се чувствуваш како да си дел од нив, а и тие од тебе, се поврзуваш и се сплотуваш. Делиме иста клупа, појадуваме заедно, слушаме музика заедно, небаре сме најдобри другарки, вели Милановска.

Таа забележува дека полека јакне свеста и се надминуваат бариерите на јавноста за учениците со посебни образовни потреби. Во училиштето има добра атмосфера за работа. Милановска вели дека успехот на овие ученици е пред сè нивен личен успех.

– Јас ја имам само таа чест да бидам нивна лична поддршка, да ги научам што повеќе, да ги бодрам, да ги почитувам и најмногу да ги сакам. Сакам сите да бидат среќни и успешни, затоа и заедницата треба да им подаде рака, да им се даде шанса да бидат вклучени во сите сегменти низ општеството. Сакам инклузија да постои насекаде, не само во образованието, вели Милановска.

Куманово ангажира асистенти во средни училишта преку општинско-корисна работа

Во општина Куманово за тековната учебна година преку проектот „Инклузивна училница” ангажирани се вкупно 15 асистенти, од кои 13 образовни асистенти, двајца лични асистенти на ученици со попреченост во паралелки на македонски и албански наставен јазик. Образовните асистенти се ангажирани во три средни училишта во градов, во „Наце Буѓони” Куманово, „Перо Наков” Куманово и ДСУ-РЦСОО „Киро Бурназ” Куманово. Личните асистенти се ангажирани во „Гоце Делчев” Куманово и „Перо Наков” Куманово.

– Услугата – Образовната асистенција во државата со големо задоволство можеме да истакнеме дека произлезе токму од Општина Куманово, кога во 20 години прв пат со оваа социо-образовна услуга аплициравме во програмата-Општинско корисна работа, а подоцна истата се прошири и во останатите општини. Оваа услуга беше препознаена и од страна на државата како позитивна мерка. Општина Куманово во последните две години обезбедува образовни асистенти само за учениците со попреченост вклучени во средните училишта, изјави раководител на сектор за социјална заштита Александар Крстевски.

Институции: Напредок има потребен закон за средно образование

Вики е среќничка, смета нејзината баба која вели дека има уште ученици во средно образование на кои им се потребни образовни асистенти. И институциите потврдуваат дека сè уште во некои општини и училишта има недостиг на образовани асистенти. Некои родители самите одат на училиште со нивните деца.

Од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација велат дека Комисијата добила една претставка за заштита од дискриминација поради необезбедување на образовен асистент во областа на образованието.

-Предметот до овој момент е со статус „постапката е во тек” и се постапува согласно одредбите од Законот за спречување и заштита од дискриминација и деловникот за работа на комисијата, велат од КСЗД.

До Народниот правобранител, родителите на деца со попреченост доставиле осум претставки заради необезбедени образовни или лични асистенти. Од институцијата велат дека потребата од поддршката за децата била потврдена со мислење на стручните тела за функционална проценка по МКФ. И тие се задоволни од зголемувањето на бројот на образовни асистенти за тековната година.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот