Образованието како Мртво Море – под секое ниво!

Соња Христовска / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Како дошло до грешките во учебникот? Лесно. Со партизација на сè што е на државен буџет, со заробени институции, со „на ти го, дај ми го“, со корупција на секое ниво што сега почна да ја јаде иднината и на децата.

Кога ќе погледнеш во географската карта, север е горе, југ е долу, исток е десно, а запад лево – е една од првите лекции по географија со која децата учат како се „читаат“ мапите. Ама на тој час по географија не биле ниту Анита Ангеловска ниту Гликерија Илиоска, двете авторки на учебникот „Историја и општество“ за петто одделение, па до ден-денес не знаат која држава е на исток, а која на запад од Македонија и своето незнаење им го пренесуваат на нашите деца!

Па, ги учат дека „на исток нашата земја се граничи со Република Албанија, а на запад со Република Бугарија“. Не научиле ниту дека највисокиот врв на планетата Монт Еверест е висок 8.848 метри, што е општопознат податок, па во учебниот напишале дека е висок 29.305 метри, а додале и дека најниската точка на Земјата, Мртвото Море, е повеќе од 1.400 метри под морското ниво!

Не им дошле чудни бројките што му се познати на секој просечно образован човек во Македонија и не се запрашале како може планина да е висока речиси 30 километри, а депресија да е длабока речиси километар и пол, што освен нивното незнаење на географијата, им го истакнува и незнаењето на физиката, како и немањето логика. Ниту обѕири.

„Историчаркиве“ авторки, всушност, не знаат ниту историја, што се докажува на повеќе места во нивниот учебник по историја во кој згрешиле и термини и векови, ама очигледно знаат политика, па средновековниот македонски владетел Самоил го претставиле само како царот Самоил, без да му додадат историска референца и контекст од кои причини е спомнат токму тој во делот од учебникот што разработува македонски археолошки локалитети! Веројатно за да не се лутат Бугарите, Самоил во новиот учебник не е претставен ниту како македонски ниту како бугарски владетел и се добива впечаток како да „паднал од небото“ среде Охрид, каде што онака си изградил тврдина и амфитеатар! Ама и граѓаните знаат политика, па едната авторка ја најдоа како донаторка на владејачката СДСМ во една предизборна кампања.

Ангеловска и Илиоска веројатно си рекле ајде, учениците и онака почнуваат да учат географија дури во шесто одделение, па тогаш и вистински и точно ќе научат каде е исток, а каде запад и кој е источен, а кој западен сосед на Македонија. Во хибридниот учебник во петто одделение во кој се споени предметите историја и општество, ќе ги учиме само „отприлика“. Па и за човековите права ќе си напишеме отприлика дека тоа се „правила и слободи со кои државата го определува начинот на однесување на луѓето во заедницата, со цел да ги задоволат своите потреби…“ И онака нема логика општество и историја да се спојат во еден предмет, како што нема логика страните на светот и географските поими да се учат пред да почне да се изучува географијата, иако така предвидува новата концепција за основното образование, која реално, ретко кој ја разбра, а многумина ја искритикуваа…

Ама, ако авторките Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска си работеле „отприлика“, не е јасно што правеле тројцата рецензенти, Беса Хавзиу-Исламили, Анета Соклевска и Виолета Шурбановска и што читала стручната редакција и уредничката Орданка Мицкова? Како конкретно тие ги заработиле парите што ги добиле како хонорари, ако не виделе колку пораснал Монт Еверест? Дали воопшто прочитале пред да се потпишат? Дали сега им е срам?

Нам ни е срам. Срам ни е од издавачот на учебникот полн со грешки, од Министерството за образование и наука, кое заедно со Националната комисија за учебници допрва ќе утврдувало како дошло до грешките. Како дошло? Лесно. Со партизација на сè што е на државен буџет, со заробени институции, со „на ти го, дај ми го“, со корупција од најниско до највисоко ниво, која откако го изеде целото здраво ткиво на македонското општество, сега почна да ја јаде иднината и на нашите деца.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот