О2: Власта и по шест години владеење е без стратегија за аерозагадувањето, лани решението беа инвертери, денес гас

Загаден воздух во Скопје
Загаден воздух во Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Власта сѐ уште е без јасна стратегија како да се избори со големото аерозагадување во македонските градови, реагираше денеска граѓанската иницијатива О2 на синоќешната изјава на Каја Шукова, државна секретарка на Министерството за животна средина дека се потребни помеѓу 10 до 30 години за еден град да го реши проблемот со аерозагадувањето. Шукова рече дека според искуствата во светот, на милионските градови им се потребни над 20 години работа за да стигнат до чист воздух, но од О2 иницијативата не се согласуваат и ја критикуваат Владата дека нема визија.

Пекинг е град со над 21 милион жители, кој беше на врвот на најзагадени градови во светот и кој за 10 години го доведе аерозагадувањето во национални граници. Скопје според последниот попис има блиску до 527 илјади жители, Струмица 50 илјади и многу често се наоѓаат на листите на најзагадени градови. Ова не се милионски градови и ако Пекинг успеал во рок од 10 години да се справи со најголемиот дел од аерозагадувањето и ние досега требаше – коментираат од граѓанската иницијатива.

Според нив не може постојано да почнуваме од нулта точка и да броиме од денес.

Само ние како активисти притискаме на оваа тема 10 години. Оваа власт е на позиција шест години. Но, ние и денес немаме јасна и прецизно разработена стратегија како ќе се реши овој проблем. За домаќинствата, на кои отпаѓа околу 50 до 60 отсто од аерозагадувањето во зима според направените анализи, решението беа инвертори до лани. Сега министерот за животна средина Насер Нуредини вели дека гасификацијата ќе биде решението, во време кога Европа, САД и други одат кон забрзано намалување на употребата на гасот за греење и негова замена со топлински пумпи, заедно со обновливи извори на енергија, а за индустријата и транспортот се оди кон водород. Затоа тапкаме во место и немаме резултати кои досега требаше да ги имаме. Нема една јасна стратегија која ќе се спроведе од година в година, со јасни таргети и пратење на прогресот на месечно и годишно ниво. Затоа Пекинг успеал за 10 години, и не само Пекинг, голем број на градови во Кина, а ние по којзнае кој пат се премислуваме кој ќе биде начинот, за годишни таргети и да не зборуваме – велат од О2 иницијатива.

Оттаму додаваат и дека, според нив, гасот не е и не може да биде решение за домаќинствата, особено не денес или утре.

Додека паушално го третираме проблемот, резултати нема да видиме и времето ќе нѐ јаде сите и само ќе се продолжи со зборувањето дека треба време за да се надмине проблемот, дека не може преку ноќ. Само што еве ние 10 години поминавме слушајќи го истото адаџо, а ноќта се претвори во една цела декада – заклучуваат од граѓанската иницијатива.

Во дебатата на ТВ 24 државната секретарка на МЖСПП Шукова, исто како и министерот Нуредини пред некој ден, истакна дека не Министерството, туку општините се должни да пропишат и да спроведат планови за намалување на загадувањето, како и дека одговорноста за тоа каков воздух дишеме, освен на власта е и на секој граѓанин поединечно.

Деновиве слаб ветер малку го расчисти загадувањето и штом минимално се намалија вредностите и Владата ги укина претходно донесените мерки и препораки за Скопје, Кичево, Кавадарци и Гостивар, а Град Скопје го укина бесплатниот јавен превоз. Остана високата загаденост во Струмица, каде веќе осум дена по ред водухот е екстремно загаден со ситни честички ПМ 10, чија среднодневна вреднист е над 150 микрограми на кубик воздух, а од 23 до 27 декември струмичани имаа петдневна епизода со среднодневна вредност над 200 мцг/м3, што е многу опасно за здравјето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот