Нула минути чекање на граница и една работна дозвола за сите земји

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Лидерите на Македонија, на Србија и на Албанија беа едногласни дека има огромна политичка волја за регионалното поврзување. Тие потенцираа дека оваа соработка ќе ги зајакне нивните економии со слободно движење на луѓе, капитал, стоки и услуги.

До 2023 година на границите меѓу Северна Македонија, Србија и Албанија треба да има нула минути чекање. Границите ќе постојат, но за овие три земји тоа ќе значи дека камионите слободно да поминат без никакво застанување, што ќе им обезбеди на компаниите 6 до 9 проценти помали оперативни трошоци. До 2022 година, пак, ќе има една работна дозвола за која било од овие 3 земји и единствен регистар на квалификувана работна сила.

За овие две значајни цели, трите земји вчера, во рамките на Регионалниот економски форум во Скопје, потпишаа договори со кои се обврзаа дека ќе го „истуркаат“ овој процес, потенцирајќи дека за тоа претстојат големи административни предизвици и огромна меѓусебна доверба, затоа што ќе треба да се прави интегриран систем за ДДВ, да се користат информациите од единствени лабораториски анализи при испитувањето на храната или на други производи и да има голема соработка меѓу министерствата за внатрешни работи.

 

Огромна политичка волја

 

Лидерите на Македонија, на Србија и на Албанија беа едногласни дека за овој процес има огромна политичка волја за негово спроведување. Тие нагласија дека оваа соработка ќе ги зајакне нивните економии и дека самостојно ќе ги продолжат преговорите за членството во ЕУ.

– Одиме напред, и тогаш кога Европската Унија ќе биде подготвена, ние сме тука – веќе подготвени, со веќе обезбедени олеснувања за нашите граѓани и со веќе развиени економски иницијативи. Сакам да ве уверам, а се надевам дека тоа е и очигледно, дека нашата политичка волја, на претседателот Вучиќ, на премиерот Рама и мојата, е израз на нашата максимална посветеност да ги обезбедиме сите услови што зависат од владите на нашите три земји за ефикасна регионална соработка. Силната политичка волја и поддршката што ја добивме од деловните заедници на сите земји во регионот за нов импулс и за ребрендирање на регионалната соработка со многу повеќе динамика и за многу повеќе ефекти е наша, автентична и непосредувана иницијатива – рече премиерот Зоран Заев.

Тој нагласи дека овој регион има 18 милиони луѓе и дека главна цел на владите на трите земји е да ја подобри нивната благосостојба и да привлече поголеми инвеститори.

 

Сите три земји со помал БДП од Словачка

 

Претседателот на Србија Александар Вучиќ рече дека „најважна политика е економијата“ и дека „одамна е поминато времето на колонијалните односи – да прашуваме, мораме сами да ја земеме судбината во своите раце“. За да покаже илустративно до каде е сега регионот, а каде може да биде во иднина, Вучиќ, го спореди со Словачка.

– Нашите три земји ќе ја завршат годината со вкупно 76 милијарди евра бруто-домашен производ, тоа е БДП помал од една Словачка. Колку години ни се потребни да го стигнеме бруто-домашниот производ на Словачка. Десетина години? Не, можно е за само 5-6 години максимум и да ја престигнеме – рече Вучиќ.

Како аргументи за динамичниот економски развој што би се обезбедил преку економското поврзување на трите земји, тој посочи повеќе примери. Еден од нив е и заеднички пристап кон инвеститорите, истовремено отворање погон на пример во Врање и во Куманово, со цел решавање на потребите од работна сила. Вучиќ рече дека му се познати дискусиите оти од овој процес најголема добивка ќе има Србија како најголема земја, но потенцираше дека тоа не е точно, затоа што овој договор ќе донесе добивки за сите.

– Секогаш ќе зборуваме за теории на заговор. Но, вака се почнува. Ни во светот не се воодушевени со оваа наша идеја, затоа што управувањето оди во наши раце – рече Вучиќ.

 

Да не чекаме влез во ЕУ за слободно движење

 

Претседателот на Албанија Еди Рама многу енергично зборуваше за тоа дека неслогата во минатото не ни донела ништо добро и дека е време да мислиме за иднината.

– Ние треба да им обезбедиме перспектива на младите за добро платени места, да не бидат казнети поради минатото. Она што е во ЕУ треба да го примениме и тука, прифаќање на 4-те слободи: слободно движење на луѓе, на капитал, на добра и на услуги. Она што ќе го правиме во ЕУ, веќе ќе биде интегрирано во регионот. Со економска интеграција ние ќе може да го зголемиме економскиот раст за 2,5 проценти, зошто тоа да не го искористиме? – праша Рама.

На економскиот форум дојдоа и повеќе од 300 стопанствениците, кои имаа можност и за меѓусебни средби. Тие изразија огромна поддршка за политичките заложби што постојат од трите земји и ветија максимална поддршка на спроведувањето на процесот.

 

„Мал Шенген“ се ребрендира во „Отворен Балкан“

 

Свечено и театрално, на крајот од потпишувањето на договорите и меморандумите меѓу трите земји, на Економскиот форум се објави новото ребрендирано име на „Мал Шенген“. Новото име за регионална соработка на земјите од Западен Балкан е Отворен Балкан.

На Форумот, премиерите на трите земји потенцираа дека ова не ексклузивна иницијатива само за Македонија, Србија и Албанија, и дека иницијативата е отворена за сите балкански земји.

– Знам зошто Косово не пристапи на иницијативата. Но, не можам да сфатам зошто тоа го прават Босна, или Црна Гора? Но, се надевам дека кога ќе видат дека ние на границите меѓусебно не чекаме, и тие ќе сфатат какви економски придобивки може да имаат – рече премиерот на Албанија, Еди Рама.

 

Заедничко дејствување при природни катастрофи

 

На Регионалниот економски форум беше потпишан договор меѓу Македонија, Србија и Албанија за заедничко соработка и помош во случај на природни катастрофи. Припомнувајќи си на земјотресот во Албанија во 2019 година, и колку на земјата ѝ значеше помошта од Србија и од Македонија во тие тешки мигови, премиерот Рама посочи дека тогаш се активираа сили за спасување од целиот регион.

– Дојдоа многу брзо, а меѓу нив имаше и од Србија и од Северна Македонија. Што сфативме во тој трагичен момент? Разбравме колку е важно да не се чувствувате сами и колку е вредно на еден опустошен терен каде што имаше стотици луѓе под урнатините, да имаш повеќе сили на располагање. Потпишавме договор за да сме заедно во сите околности кога во каков било случај се најде некоја од нашите земји под стресот на природните сили. Ова е душата на оваа иницијатива – изјави Рама.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот