Нова војна, стари проблеми со македонските борци на странските боишта

украина
Фото: EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

Во моменти кога Русите за првпат споделуваат информации за наши граѓани дека се дел од конфликтот меѓу Москва и Киев, македонските власти официјално засега немаат податоци околу бројот на борците на странски фронтови.

На почетокот на самите воени дејстија во Украина, шефот на Националниот комитет на Северна Македонија за спречување насилен екстремизам и тероризам, Златко Апостолоски за домашните медиуми информираше дека земјава не регистрирала борци ниту регрутери кои агитираат за заминување на боиштата на нашите граѓани во Украина.

Сепак, неколку месеци подоцна руските медиуми објавија дека во конфликтот во Украина досега наводно загинале 21 македонски државјанин од вкупно 79-мина што се бореле на воените боишта во земјата, информираше неодамна Министерството за одбрана на Русија, а пренесе „РИА Новости“.

За експертите по безбедност ваквите информации кои доаѓаат од руските медиуми треба да се земат со резерва. Универзитетскиот професор, генерал Методи Хаџи Јанев во изјава за „Слободен печат“ вели дека ако бројката веќе постои, не е за изненадување желбата да се учествува во еден таков конфликт поради трендот, а е резултат на глобализацијата да индивидуалци стануваат суверени и подготвени да учествуваат во директен конфликт со цел да дадат поддршка.

генерал проф. д-р Методи Хаџи - Јанев за Утрински брифинг
генерал проф. д-р Методи Хаџи – Јанев / Утрински брифинг

– Овој феномен не е само наш проблем. Тој е нус продукт на интензивираната либерализација, отворените општества, меѓусебната поврзаност и зависност, развојот на информациско комуникациските технологии и социјалните медиуми или накратко интензивираната глобализација и зголемиот фокус на јакнење на суевернитетот на индивидуите. Кај нас за жал како и во поголемиот дел од регионот во југоисточна Европа системот е реактивен кон овие и слични феномени – вели Хаџи Јанев.

Според генералот во минатото бранот на странски борци кои од идеолошки побуди заминаа да го поддржат ИСИС, не беше најдобро изменаџиран во доменот на превенција од домашните институции.

– Инкриминацијата на оваа активност во националното законодавство иако беше помпезно пролиферувана како мерка која треба да има одвраќачки карактер е проблематична по неколку основи. Прво, согласно Законот за кривично, граѓанска постапка ја води ЈО, ако за тоа треба да собере докази како ќе го стори тоа? Ќе прати истражители на боиштата? Второ, доказите пак од странски (дури и партнерски разузнавачки служби во еден друг контекст Врховниот суд досега ги негираше, укажувајки дека разунавачки белешки не може да се земаат како доказен материјал. Оттука, решението мора да се бара во холистички пристап кој бара мултиресорско дејствување за да се намалат ризиците од овие феномени – појаснува Хаџи Јанев.

Говорејќи за проблемот со заканите од странските платеници но и за повратниците од боиштата од светот Благоја Марковски од Балканскиот форум за безбедност вели дека овие луѓе претставуваат реална закана на микрониво за државата по нивното враќање назад. Сепак според него овие информации од руска страна кои деновиве се лиферуваат во јавноста за наши државјани кои учестуваат во боиштата во Украина треба добро да се проверат во нивната содржина.

Благоја Марковски

– Проблемот со учество на наши граѓани во странски воени формации или војски кои се борат надвор од територијата од Македонија е евидентен од порано и посебно беше изразен од војните во Ирак, Авганистан и Сирија. Има неколку причини зошто наши државјани се пријавуваат таму. Прв план е идеолошката матрица, а вториот елемент е сиромаштијата. Во овие странски војски добро се заработува и наши граѓани одат да заработат, ставајќи го на коцка дури и својот живот. Сепак, иако нашата земја превзеде мерки во смисла на законски санкции за учество во странски војски, се` уште имаме сериозни проблеми во нивната ресоцијализација и превенција од заминување. Од тој аспект не можеме да бидеме задоволни без оглед на тоа што има јасен израз од државните структури дека состојбите се добри а наши луѓе не заминуваат на боиштата во странство – посочува Марковски.

Воено безбедносниот експерт додава дека земјава пред неколку години од 186 повратници од боиштата од Блискиот Исток законски санкционираше над триесетина лица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот