Нова балканска димензија

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Ние, како општество, не треба премногу да се оптоваруваме со тајмингот за деблокада на бугарското вето и за отпочнување на толку очекуваните преговори со Европската Унија, туку со тоа што е многу посуштински важно – да договориме квалитативна рамка, во која ќе ги уредиме севкупните билатерални односи со нашиот источен сосед.

Кирил Петков, кој ќе ја предводи новата бугарска влада, оцени дека ќе бидат потребни шестмесечни преговори за да се дојде до решение. „Треба да формираме работни групи и да им дозволиме да работат шест месеци, за да не бидат само националистите на двете страни тие што ги носат одлуките. Давањето зелено светло за почеток на преговорите сега, без дискусија, само ќе ги зајакне националистите на обете страни“, рече Петков.

Дали во оваа изјава на новиот премиер на соседна Бугарија се крие излезното решение во ќор-сокакот на македонско-бугарските односи по употребата на инструментот вето од официјална Софија минатиот декември, од претходната влада предводена од двоецот Борисов-Каракачанов, имено, ќе видиме во наредните шест месеци. Несомнено, хардвардскиот воспитаник се разликува од класичниот балкански националистичко-шовинистички политичар (Каракачанов е и под критериумите за таков тип балкански политичар) и веројатно сака да најде излезно решение, но „жешките костени“ во македонско-бугарските замрсени перипетии, што му ги оставија неговите претходници, многу внимателно ќе ги вади. Еден по еден.

Доаѓа време на тешки одлуки!

Ние, како општество, не треба премногу да се оптоваруваме со тајмингот за деблокада на бугарското вето (декември е небаре судниот месец – да се биде или не – за опстанокот на македонската држава) и за отпочнување на толку очекуваните преговори со Европската Унија, кои ги чекаме петнаесет години, туку тоа што е многу посуштински важно – да договориме квалитативна рамка во која ќе ги уредиме вкупните билатерални односи со нашиот источен сосед. Тоа што го глаголи Петков, а тоа е „проширување на историската комисија со други комисии“, е патоказ што може да доведе внимателно до едно изискувачко-излезно решение, односно да биде светло на крајот од тунелот во кој се набутавме сите без исклучок. И ние и тие, но и меѓународната заедница (читај ЕУ/САД).

Доколку тежиштето на дебатата се префрли врз инфраструктурно-економски, стопански и културолошко-уметнички теми, ние може да ја разводниме неверојатната хистеризација и напластената фрустрација во двете општества, која се случува во последниве петнаесетина месеци, бидејќи на пиедесталот на „дебатата“ за решавање на напластените децениски македонско-бугарско проблеми се историските прашања, интерпретацијата на историјата, средниот век, револуционерното минато, етимологијата на јазикот, национално-етничкиот идентитет на Македонците за на крајот старо-ново избраниот претседател на Бугарија Румен Радев дебатата да ја префрли, тактичко-диверзантски, врз „почитување на човековите права на Бугарите“ во Македонија, вметнувањето на бугарското малцинство во нашиот Устав и слични теми со кои се сака нашата земја пред очите на ЕУ да се претстави како држава што не ги исполнува елементарните Копенхашки критериуми.

Уште кога минатата година, соработникот на бугарските тајни служби „агент Иван“, во својство на лидер на ултранационалистичката ВМРО-БНД и тогаш актуелен министер за одбрана, го најавуваше бугарското вето на почетокот на македонските европреговори, тврдев и упатував пораки дека таков чин е многу сериозен надворешнополитички од во меѓународните односи и дека ќе биде многу, многу тешко потоа истото вето да биде повлечено за неколку месеци, како што наши политичари, новинари и аналитичари најавуваа дека по бугарските избори, тоа лесно ќе биде тргнато.

Кога една таква држава (Бугарија), ќе се спротивстави на интересите на најмоќните (читај: САД), мора прво да обезбеди внатрешнополитички консензус (декларацијата на бугарското народно собрание од 2019 година) и медиумски да ги пропагандира широките народни маси за таквата „политика“, односно да добие што е можно поширока и помасовна поддршка од целокупното население, за истата да ја оправдува пред очите на „сојузниците“ во асоцијацијата (ЕУ) кои не ја одобруваат оваа бугарска политика, која барем декларативно се коси со интересот на Унијата, а тоа е продолжување на европроширувањето со земјите од Западниот Балкан. Затоа денеска повеќе од 90 отсто од бугарските граѓани го оправдуваат и го одобруваат бугарското вето кон нас, „вето до дупка“ на бугарски или во наш превод: вето до последно!

Постои, буквално, само уште една шанса!

Поради сите овие причини велам дека изјавата на бугарскиот премиер Кирил Петков за „шестмесечниот период во кој ќе треба да се најде решение на проблемот“ е еден мал зрак на надеж дека можеби во идната 2022 година конечно ќе ги почнеме европреговорите кои „живот значат“ за нас. Сепак, останува да ја видиме клучната „Харвард булдожер американска дипломатија“, колку ќе биде брутална и жестока да го реализира тоа што намислила, и како Кирил ќе може низ националистичкото бугарско блато во кое е потонат да го изменаџира целиот процес, без да изврши политичко самоубиство.

Дали Петков е новиот Ципрас, останува да видиме, но едно е сигурно: балканските националисти и сега, денеска, но и во минатото, а и во иднина ќе бидат многу побројни, многу помоќни од рационално-модерните кои визионерски го гледаат Балканот во една друга димензија. За жал, второнаведените немаат ни народ зад себе, да ја реализираат таа проектирана визија за нова европска, модерна и цивилизирано-хуманизирана балканска димензија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот