Норвешката сликовница „Јарињата Брусе одат на училиште“ ја открива магијата на старите приказни

Насловна корица на сликовницата во издание на „Артконект“

Уникатно илустрираната сликовница за деца „Јарињата Брусе одат на училиште“ од Бјорн Ф. Рорвик и Гри Моурсунд се потпира на една стара народна приказна за трите јариња, но магијата на Рорвик и Моурсунд се состои во тоа што тие ја преобликуваат бајката и ѝ даваат нов живот.

„Јарињата Брусе одат на училиште“ е дел од серија сликовници за јарињата Брусе, од кои издавачката куќа „Артконект“ досега ја има издадено и наградуваната „Јарињата Брусе одат на базен“. Преводот на двете книги од норвешки јазик е на Јасминка Марковска.

– Кога пишувам приказна за сликовница, главно го пишувам дијалогот и дејството и ништо за тоа како изгледаат карактерите или локацијата. Мора да остане доволно голем простор за илустраторката, зашто таа би сакала книгата да е исто толку нејзина колку што е и моја. Таа треба да смислува работи, мали приказни, мали детали што не се спомнуваат во текстот. Во книгата има многу ликови што не се спомнуваат во текстот и има мали приказни што таа ги измислила, што јас никогаш не сум ги кажал – објаснува авторот Рорвик.

Авторот Бјорн Ф. Рорвик работи во филмската индустрија и пишува книги за деца кои постигнуваат огромен успех и во Норвешка и низ целиот свет. Илустраторката Гри Моурсунд има добиено голем број награди за нејзините илустрации, меѓу кои и наградата „Браге“ во 2003 година, како и наградата за најдобра сликовница на норвешкото Министерство за култура во 2009 година за книгата „Јарињата Брусе одат на базен“.

Сликовницата „Јарињата Брусе одат на училиште“ е објавена во рамки на проектот „Соочување со неизвесноста: современа европска литература“, што издавачката куќа „Артконект“ го реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 220, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3.3.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот