Нобелова награда за мир: Медалот за лауреатката Мохамади е признание за пркосот на сите жени во Иран

Наргес Мохамади е осудена 13 пати - Фотографија Profimedia

Својата храбра борба Мохамади ја плати со огромна лична цена. Режимот ја уапси 13 пати и ја осуди на вкупно 31 година затвор. Таа е во затвор додека ви се обраќам, изјави Берит Реис-Андерсен, шефицата на Норвешкиот нобелов комитет во Осло

Затворената иранска активистка Наргес Мохамади е добитничка на Нобеловата награда за мир за 2023 година, како признание за нејзината борба за правата на жените во Иран и за напорите за промовирање човекови права и слобода за сите. Наградата за Мохамади претставува отворена поддршка на пркосот на угнетуваните жени во Исламската Република.

Мохамади ја отслужува казната за „ширење пропаганда“ во озлогласениот затвор Евин во Техеран. Таа е заменичка на нобеловката за мир Ширин Ебади на челото на невладината организација Центар на бранители на човекови права. Ебади ја доби наградата за мир во 2003 година.

– Својата храбра борба Мохамади ја плати со огромна лична цена. Режимот ја уапси 13 пати и ја осуди на вкупно 31 година затвор. Таа е во затвор додека ви се обраќам – изјави Берит Рис-Андерсен, претседателката на на Норвешкиот нобелов комитет во Осло.

Објавувајќи го името на лауреатката за мир, Норвешкиот комитет ѝ изрази почит и на Махса Амини, 22-годишната Иранка што во септември 2022 година почина во затвор откако беше приведена од иранската „полиција за одбрана на моралните вредности“. Веста за нејзината смрт поттикна масовни протести низ Иран, на кои жените ги развеаја косите и бараа поголеми права и слободи. Иранските власти брутално ги задушија демонстрациите, кои веќе стивнаа.

– Мотото на протестите „жени, живот слобода“ ја изразува посветеноста на Наргес Мохамади. Таа се бори за жените против систематската дискриминација и оперсијата. Таа ги брани напорите на жените да имаат целосен и достоинствен живот – објави Нобеловиот комитет.

Рис-Андерсен изјави дека наградата за Мохамади всушност е признание за целото движење во Иран: „Се надеваме дека ова ќе го охрабри движењето да продолжи да дејствуива во каква била форма“.

Норвешкиот комитет изјави надеж дека Иран ќе ја ослободи Мохамади за да ја прими Нобеловата награда на церемонијата во декември.

– Иранските власти ќе ја направат вистинската одлука ако ја ослободат за да биде присутна и да ѝ биде укажана чест – изјави Рис-Андерсен.

Наргес Мохамади е 19-ата жена што ја добила Нобеловата награда за мир во изминатите 122 години. На церемонија на 10 декември во Осло треба свечено да ѝ бидат врачени диплома, златен медал и парична награда од 11 милиони шведски круни (околу 1 милион долари).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот