Ниту Газивода, ниту Ујман туку „Eзеро Трамп“

„Вистинските проблеми на луѓето станаа дел од реалното шоу на Трамп и неговите дворски шутови од Балканот“.

Натписот „Езеро Трамп“ што минатата недела беше поставен на браната на езерото Газивода/Ујман викендов се распартали. За сега нема точна информација дали некој намерно го оштетил или ветрот беше посилен од квалитетот на банерот. Ама сега има само трага од натписот “Езеро Трамп“.

Но, пред да се случи тоа за пријателските пораки од северот на Косово на Твитер се огласи Специјалниот пратеник на претседателот Трамп за дијалог меѓу Белград и Приштина. Ричард Гренел напиша: „Како да се нарече езерото лоцирано во Косово и Србија кое е сериозна точка на дискусија во дијалогот, додека Соединетите држави одлучија да спроведат физибилити студија за создавање нови работни места во регионот. Така, обете страни решија да го наречат езеро Трамп.“

Kосовскиот премиер Авдула Хоти на новинарско прашање објасни дека езерото Трамп било идеа на Ричард Гренел.

„Имаше барање во Белата куќа, бидејќи има различни ставови, и на средбите тука од страна на амбасадорот Гренел, како знак на почит кон директната посветеност на претседателот Трамп да го именува ова езеро како езеро“ Трамп“, рече премиерот.

Според Хоти оваа иницијатива вреди да се разгледа во иднина како знак на почит кон посветеноста на претседателот Трамп.

„Тоа е израз на добра волја“ рече премиерот.

Така не размислува европаралемтарката и известувач за Косово Виола фон Крамон.

„Дали денес е 1 април? Како може некој да даде такво нешто како благодарност за зделката? „Само дел од кампањата Трамп“, напиша таа на Твитер.

Нејзин истомисленик е и Марко Јакшиќ, адвокат и поранешен советник во општинското собрание на Северна Митровица. Тој, како што пренесуваат српските медиуми, смета дека „Езерото Трамп“ е „тешка глупост што е несоодветна за коментар и која не служи апсолутно на ништо, освен претседателската кампања на Трамп“.

„Одамна не сум видел толку многу глупости поврзани со косовскиот проблем, но се чини дека вистинските проблеми на луѓето станаа дел од реалното шоу на Трамп и неговите дворски шутови од Балканот. Како некој што потекнува од Ибарски Колашин, малку се срамам што се случува нешто толку парадоксално во таа област. Можеби има нешто добро во овој потсмев, а тоа е дека нашиот претседател Вучиќ секогаш се чини дека избира победник пред претседателските избори во САД. Погрешно. Да не беше тажно, ќе беше смешно, смета Јакшиќ.

За косовските Албанци не е невообичаено да именуваат објекти според американски лидери. Во Приштина освен познатиот булевар Бил Клинтон, покрај кој е и статуата на поранешниот претседател, има и други улици што се именувани по американци кои беа вклучени во преговарачките процеси за време и по конфликтот меѓу Србија и Косово. Во главниот град на Косово има и бутик за женска облека кој се вика Хилари. Иако не беше организирано од протоколот, сопствениците на бутикот имаа чест лично да ја запознаат Хилари Клинтон за време на нејзината посета на Косово во својство шефица на американската дипломатија во 2012 година. Тие не ја пуштија од кај нив да излезе со празни раце, ѝ подарија јакна.

Многу косовски деца се викаат Џо Бајден како сегашниот противкандидат на Доналд Трамп. Во Косово автопатот кој поминува во близина на воената база Бондстил се вика Бо Бајден во чест на покојниот син на поранешниот американски потпретседател.

Но, приврзаност кон Америка не е пракса во српските енклави на Косово. Не сите, но сепак значаен број граѓани на Северна Митровица и регионот од овој поделен град па се до административната граница со Србија каде што се наоѓа и езерото се познати по анти-американските ставови. Затоа не е изненадувачки дека од вчера на ридот над Северна Митровица се вее големо руско знаме.

Па затоа пораката на Брњачкиот мост „Претседателе Трамп, косовските Срби ви се благодарни на тоа што носите мир“ и натписот „Езеро Трамп“ на езерото кое Албанците го викаат Ујман а Србите Газивода се изненадувачки и неочекувани за поголемиот дел од јавноста.

Српскиот претседател Александар Вучиќ по посетата на Гренел јасно кажа дека Србија и Америка никогаш немале волку добри односи како што имаат сега. Натписите за кои се смета дека ги поставија граѓаните од општина Зубин Поток, за Вучиќ се израз на благодарност кон владеачката републиканска администрација.

„Нашите граѓани на Косово го сакаат Трамп. Како е можно никој да не го разбира ова, тие го поминаа најлошиот период за време на последната администрација. Што мислите, што ќе клечиме пред оние што не бомбардираа? Ние нема да го сториме тоа и не се срамам да го кажам тоа“ вели Вучиќ во изјавата која ја пренесоа повеќе косовски медиуми.

Постигнувањето на конкретен договор за ова вештачко езеро чија градба е завршена во 1978 година заради електраната Обилиќ Б како и за да се обезбеди снабдување со вода на северниот и централниот дел на Косово нема да биде лесно.

Во договорот од 4 септември стои дека „обете страни ќе се согласат да соработуваат со Министерството за енергетика на САД и други релевантни правни лица на американската влада во физибилити студијата за потребите на споделување на езерото Газивода како доверливо снабдување со вода и енергија“. Но, српската страна веќе со години наназад тврди дека нема да дозволи Приштина да профитира од езерото.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот