Никој не ги гони функционерите од „црната листа“ на САД – политичарите се расправаат за закони, Стејт департментот казнува

Поранешната обвинителка Катица Јанева и градоначалникот на Карпош Стевчо Јакомовски

Новите имиња на „црната листа“, Стевчо Јакимовски и Катица Јанева се повод за меѓусебни обвинувања помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ поради новиот контроверзен Закон за рестриктивни мерки, со кој се предвидуваат санкции за лицата што се на оваа листа, а кој е заглавен во собраниска процедура

Трезорот на Соединетите Американски Држави ги стави на „црната листа“ поради вмешаност во значајна корупција градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски и неговото семејство, како и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и нејзиното семејство. Ним им е забранет влезот во САД.

Новите имиња на „црната листа“ денеска беа повод за меѓусебни обвинувања помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ поради новиот контроверзен Закон за рестриктивни мерки, со кој се предвидуваат санкции за лицата што се на оваа листа, а кој е заглавен во собраниска процедура. СДСМ го обвини пратеникот Антонијо Милошоски дека го блокира донесувањето на законот со тоа што не го става на дневен ред пред собраниската Комисија за надворешна политика, а Милошоски одговори дека и без тој закон има други закони со кои може да се санкционираат лицата на „црната листа“ на САД.

Ковачевски: Итно е потребен Законот за рестриктивни мерки

Според владејачката партија, последната одлука на САД е уште една потврда зошто итно е потребно да се донесе Законот за рестриктивни мерки и да се создаде можност сите вакви случаи да може да се процесираат преку домашното законодавство.
„Нема компромиси во борбата против корупцијата и криминалот и не смее да има дополнителни одлагања. Секој чекор поблиску до ЕУ ќе значи позасилена борба против високата корупција и во иднина значително ќе влијае на намалувањето на ваквите случаи и ќе придонесе во обезбедувањето правичен правосуден систем“, соопшти СДСМ.

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски денеска рече дека ставањето на Јакимовски и на Јанева на листата, се одлуки што ги носат институциите на САД врз основа на информации со кои тие располагаат.

– Со оглед дека САД се наш стратегиски партнер, исто како и ЕУ и ОН, Владата подготви Закон за рестриктивни мерки што е поднесен до Собранието. Го повикуваме пратеникот Антонијо Милошоски и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ да не го блокираат законот. Очигледно е дека тој од некаква причина го блокира законот да не биде ставен на комисиска расправа. Ако не планираат да го стават, тогаш треба да кажат од кои причини не сакаат да биде донесен тој закон – рече Ковачевски.

Димитар Ковачевски/фото Слободан Печат/Слободан Ѓуриќ

Пратеникот Милошоски одговори дека Владата со Законот за меѓународна соработка во кривичната материја, што беше едногласно донесен во април 2021 година, има можност да ги процесира и дома лицата од црните листи, но се плаши да ги искористи постојните законските основи.

– Во Законот за меѓународна соработка во кривичната материја е предвидена можноста домашен надлежен орган (Министерството правда или Јавното обвинителство – н.з.) да испрати замолница за соработка во кривичната материја до надлежна институција на странска држава. Со замолницата од странската надлежна институција се бара достава на списи, информации и материјални докази за одредена предистрага, истрага или тековен судски предмет за физичко или правно лице. Овој закон овозможува и формирање заеднички истражни тимови за истражување и гонење кривични дела, а договорот за заеднички истражен тим го склучува државниот обвинител на Македонија – објасни Милошоски на Фејсбук.

Антонио Милошоски/ Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Тој додава и дека во Законот дури е предвидено секое истражно дејство што го преземал надлежен орган на странската држава да биде изедначено со соодветно дејство во кривичната постапка пред домашните институции. Милошоски предлага овој закон да се дополни и со Закон за рестриктивни мерки, но прво да има широка дебата.

– Сумарно, Владата, министерот за правда и Обвинителството, доколку имаат политичка волја за сериозна борба против корупцијата, имаат важечка законска основа без одолговлекување веднаш со замолница да ги побараат од САД сите документи, списи, докази и информации за Рамиз Мерко, Катица Јанева, Стевчо Јакимовски и другите лица на „црната листа“. Овој Закон добро е да се надгради и да се синхронизира со дополнителен закон за рестриктивни мерки, за што претставниците на стручната фела ценат дека е потребна квалитетна јавна расправа. Сметам дека Собранието треба да биде организатор и домаќин на една таква расправа на која главниот збор ќе го имаат претставниците на судската фела, Обвинителството, адвокати и професори по кривично право. На ваквата јавна расправа многу ќе користи и присуството на експерти за рестрикции и санкции од САД и ЕУ за да имаме одржливо унапредување на позитивните норми во оваа регулирана област за меѓународна соработка во кривичната материја – објави Милошоски.

Арсовски: САД сигурно имаат добра причина

Американската амбасадорка Анџела Агелер за новите имиња на „црната листа“ извести вчера попладне на Фејсбук.

– Денешните ознаки на поранешната специјална главна обвинителка Катица Јанева и актуелниот претседателски кандидат и градоначалник Стевчо Јакимовски не треба да изненадат никого. САД ќе продолжат да ги именуваат функционерите на која било партија, гранка на Владата или заедница вклучена во значителна корупција. Народот на Македонија заслужува правда и одговорност од своите институции да го спречат бранот на криминалното однесување и да ја спречат корупцијата – објави амбасадорката Агелер.

Во соопштението на американскиот Стејт департмент се наведува дека Јанева при поранешна функција била вмешана во коруптивни дејства, вклучително и користење на нејзиното политичко влијание и службена моќ за лична корист. Се додава и дека за Јанева постојат веродостојни информации дека побарала и примила поткуп за да влијае врз Обвинителството под нејзина надлежност.

За Јакимовски се наведува дека како градоначалник бил вмешан во коруптивни дејства, односно дека ја користел службената положба да влијае во урбаниот развој на општината во процесите за јавни набавки, со цел преку нив да прибави корист за себе и своите соработници. Стејт департментот ги идентификуваше и нивните членови на семејствата, меѓу кои и двајцата возрасни синови на Јакимовски и возрасниот син на Јанева и неговата сопруга, како неподобни за влез во САД.

петар арсовски, утрински брифинг
Петар Арсовски, аналитичар / фото: Утрински брифинг/Слободен печат

По информацијата се појавија реакции и дилеми во врска со „тајмингот“ на објавата во пресрет на претседателските и парламентарните избори, особено што Јакимовски е кандидат за претседател. Според аналитичарот Петар Арсовски, САД сигурно имаат добра причина за одлуката, но не се должни да ја известат Македонија за детали.

– Не верувам дека американската администрација во своите одлуки се раководи од локални политички случувања, туку имаат своја динамика според која ги работат предметите. Секако дека се свесни за актуелниот политички момент и тоа дека Стевчо Јакимовски е претседателски кандидат, но веројатно сакаат да покажат дека се сериозни во својата намера за борба со корупцијата и дека кандидатурите на избори не се пречка за нивните органи да ги обработуваат предметите од нивен интерес. Тоа е единствениот политички момент што го гледам во оваа ситуација. Да, точно е дека нам сега ни изгледа доцна на листата да биде ставена и Катица Јанева, која веќе е осудена за корупција, но на листата се и членови на нејзиното семејство, па може да има нешта што ние не ги знаеме. Веројатно Јанева е ставена на листата со причина. Стејт департментот нема обврска да ги информира државите зошто става нивни државјани на своја црна листа, затоа што таа листа се однесува за санкции на територијата на САД. Но, сигурно не е ставена на листата од хир – вели Арсовски за „Слободен печат“.

Јакимовски: Не се откажувам од трката за претседател

Кандидатот за претседател, лидер на ГРОМ и градоначалник на Карпош, Јакимовски, завчеравечер го нарече „мешање во изборниот процес“ неговото ставање на „црната листа“ на САД. Тој е уверен дека зад одлуката не стои целата американска политика, туку, како што рече, „само некои нејзини делови“. Тој најави дека нема да се откаже од изборната трка.

– Ова може да се сфати како акт на насилство и директно мешање во изборниот процес, што е казниво и кривично дело. Ова е мешање на странски разузнавачки служби во изборот на претседател на државата. Јавно кажувам дека ќе поднесам кривична пријава против Н.Н. сторител. Мора да се утврди кој одовде ја направи оваа нечесна работа. САД се стратегиски партнер на земјава, но нашите интереси се едно, а нивните друго. Ова е кукавички чин на оние што го губат тлото под нозете, а помош не можат да добијат од граѓаните, па бараат американска поддршка – рече Јакимовски.

Стевчо Јакимовски/Слободен Печат/фото Слободан Ѓуриќ

Тој рече дека е изненаден од одлуката на САД.

– Како да не бидам изненаден, кога на 4 јули бев поканет од Американската амбасада и стриктно ми беше кажано дека листата на гости е максимално редуцирана. Се одеше строго по листата за на Денот на американската државност да не бидат присутни некои што тие не сакаат, криминалци или други несакани лица – рече Јакимовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот