Никако да стигне правдата за жртвите на „Дурмо-турс“ кај Ласкарци

судење ласкарци
Судење во случајот Ласкарци, Фото: Слободен печат

Процесот што се води во скопскиот Кривичен суд постојано се одолговлекува. Семејствата на жртвите се револтирани што Судскиот совет неодамна нарача супервештачење кое уште повеќе ќе ја одложи пресудата.

Ниту по изминати три години од тешката сообраќајна несреќа кај скопското село Ласкарци сѐ уште нема правда за семејствата на загинатите, за повредените и патниците што останаа инвалиди откако на автопатот Скопје – Тетово се преврте автобус на компанијата „Дурмо-турс“ од Гостивар.

На обвинителна клупа се Дурмиш Белули, Ремзи Мифтари, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски, Јане Бобаровски и Маноил Трифуновски. Ним им се суди за дела против безбедноста во сообраќајот. Сопственикот на „Дурмо-турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во формата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноел Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.

Случајот го води судијката Диана Груевска Илиевска. Процесот кој се води во скопскиот Кривичен суд постојано се одложува. Судечкиот совет нема практика рочиштата да ги „збие“ и да овозможи, во првостепена постапка, за разумно  време да се дознае вистината за трагедијата и да им се одреди казна на виновниците.

Згора на сè, Советот на судии на Кривичниот суд на последното рочиште одлучи да се прави супервештачење за сообраќајката. За семејствата на починатите патници, ваквата одлука е скандалозна, затоа што супервештачењето ќе ја одложи постапката и правдата ќе задоцни уште повеќе.

– Ние сметаме дека по толку години, ова е уште еден начин за одбегнување на правдата. Ова за семејствата што ги изгубиле своите најмили во тешката сообраќајка е дополнителна траума и невидена болка. Сметаме дека не смееше да се случи ваква одлука на судечкиот совет – рече Благојче Трпевски, татко на починатиот Јовица Трпевски.

Адвокатите на обвинетите, пак, велат дека со супервештачењето ќе се утврдат реалните факти за сообраќајната несреќа, зашто на судењето биле презентирани три различни вештачења.

На 13 февруари 2019 година патничкиот автобус на „Дурмо турс“, кој сообраќаше на релација Скопје – Гостивар,  излета од коловозот и се преврте на стариот пат кај селото Ласкарци. Во автобусот имаше 51 патник, од кои 16 загинаа на самото место, а 35 беа потешко и полесно повредени. Повеќето од патниците беа жители на Гостивар и на околните места.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот