Ни Заев ќе митингува со Ахмети, ни Мицкоски со Села

Митинг СДСМ
Митинг на СДСМ / Фото: СДСМ

Поради деликатната ситуација во Тетово каде што во вториот изборен круг битката ја водат кандидатите од власта Теута Арифи и Билал Касами, Заев и Ахмети нема да си гостуваа по митинзи, но сепак ќе си разменат поддршка.

Ни партиските лидери од власта Зоран Заев и Али Ахмети, ни тие од опозицијата Христијан Мицкоски и Зијадин Села, нема во ударниот дел од кампањата за локалните избори да настапуваат заедно на митинзи за поддршка на своите кандидати.

На претходните локални избори Заев и Ахмети си гостуваа на митинзите – на ДУИ, односно на СДСМ – и бараа поддршка за кандидатот од другата етничка заедница, сега ги попишмани деликатната ситуација во Тетово каде во вториот круг битката ја водат кандидатите од власта Теута Арифи од ДУИ и Билал Касами од Беса.

Според информации од ДУИ, планирано било Ахмети и Заев заедно да повикаат на поддршка за скопскиот градоначалник и кандидат за втор мандат Петре Шилегов, но сега поради Тетово тоа најверојатно нема да се случи.

Од ДУИ велат дека Ахмети ќе го поддржи Шилегов во Скопје, Оливер Илиевски во Куманово и кандидатите на СДСМ во другите општини, но не во друштво на Заев.

Освен во Тетово, ДУИ очекува Заев да ги повика сдсмовските гласачи да ги поддржат кандидатурите на Невзат Бејта во Гостивар, Рамиз Мерко во Струга, Висар Ганиу во Чаир и во другите општини каде интегративците влегоа во вториот круг. Од СДСМ ни потврдија дека ќе нема заеднички настапи на Заев и Ахмети не само во Тетово, туку ни во Гостивар, Струга, Чаир… туку секој на својот митинг ќе повикува на поддршка на „другиот“ кандидат.

Впечатливо е дека со почетокот на вториот круг од кампањата има промена на реториката. Заев, лидерот на СДСМ, повика на обединување, алудирајќи на гласовите од ЛДП и од ДОМ кои настапија одвоено од коалицијата на СДСМ.

„Влегуваме во вториот круг и во борба за секој еден град и за правецот на нашата земја. Сега е најважно обединувањето“, напиша Заев.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не откриваат дали Мицкоски ќе му гостува на Села на митинзите во Гостивар, Дебар, Струга и во Чаир за поддршка на кандидатите на Алијанса за Албанците и Алтернатива, кои за градоначалничките функции се во директна битка со кандидатите на владејачката ДУИ.

– Продолжува кампањата на нашите кандидати, како и таа за независната кандидатка за Скопје, Данела Арсовска поддржана од ВМРО-ДПМНЕ. И за нашите и за Арсовска за Скопје имаме поддршка од Алијанса и од Алтернатива – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во првиот изборен круг, Мицкоски од митинг во Гостивар ги повика своите да гласаат за Арбен Таравари од Алијанса за кого рече дека е „хуман човек, еснаф, кој се труди со целото срце и сила за Гостивар“.

Лидерите од Алијанса и од Алтернатива не прецизираа дали подготвуваат изненадување и заеднички митинг со Мицкоски, но велат дека целта им е да победи опозицијата во повеќе општини и во Скопје.

ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива на овие локалните избори го скршија мразот и договорија соработка – во општините во кои мнозинство се албански гласачи ВМРО-ДПМНЕ да не оди со свои кандидати и да ги поддржи нивните и обратно, Алијанса и Алтернатива во дел општини да не излезат со свои и да ги поддржат кандидатите на најголемата македонска опозициска партија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот