Независниот театар „Златен Елец“ со изведба на неколку претстави одбележува три години од основањето

Претстава „Кенди“ на театарот „Златен Елец“

Независното уметничко здружение за театар – Театар „Златен Елец“ Скопје е основано во 2020 година и овој месец слави три години постоење. Актерите Надица Петрова и Бобан Алексоски се главните основачи и велат дека тежок е независниот пат, но задоволството е големо, затоа што колку што ќе сработиш толку и ќе има, како продукциски, така и логистички.

За финансискиот дел никогаш не се знае, не е секогаш сјајно, а државната помош, секако, повторно отсуствува или доколку ја има е премала, а патот на процесот на една претстава или сличен проект е ист, занаетот е тој само пристапот во работата може да е различен кога станува збор за млад и современ театар.

Покрај изминатите активности, она што следува до крајот на февруари е претставата „Грета“ во режија на Тамара Стојаноска, која беше изведена во Македонска Каменица (22 февруари), а ќе има изведба и во Кавадарци (27 февруари), претставата „Разнесени“ во режија на Тамара Стојаноска овој викенд (25/26 февруари) е на сцената на „Железничка“, а во недела во „Јавна соба“ е претставата за деца „Тајната книга на дедо“ во авторство на Надица Петрова, додека во вторник (28 февруари) во Младинскиот културен центар во Скопје, со почеток во 20 часот, ќе се изведе дуодрамата „Кенди“, исто во режија и адаптација на Тамара Стојаноска.

– Основната цел на овој театар е простор за работа на професијата, а ние со различни поддршки успеваме некако да опстоиме и да останеме истрајни до крај со реализацијата на кој било проект. Многупати сами вложуваме, тоа е ризикот на независниот театар, кој на крајот, речиси, секогаш се исплати – велат од „Златен Елец“.

Освен претставите што ги играат до крајот на месецов, театар „Златен Елец“ досега ги постави: „Шапка, чоколадо, анус и уште нешто“ во режија на Ана Батева; „Не ми го чепкај пивото“, „Дневникот на лудиот“, „Човекојадство“ и „Куќа на духови“, претстави во режија на Ѓорѓи Ризески; како и „Која сум јас“ и „Чувари на планетата“, двете во авторство на Надица Петрова.

Театар „Златен Елец“ освен што работи и функционира во Скопје, посетува голем дел од општините во државава. Минатата година театарот учествуваше на фестивал во Бурса, Турција, како и на многу други фестивали и манифестации во Македонија од самото негово основање.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 168, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26 февруари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот