Фото: Принтскрин

Нетанјаху: Договорот за Газа не беше можен порано

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека сегашниот договор за размена и прекин на огнот во Појасот Газа не можел да биде постигнат порано и дека тоа е овозможено со комбинација од воена сила и „дипломатски притисок“, првенствено од претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.

„Хамас никогаш не се согласи да ги ослободи сите наши заложници додека бевме длабоко во Газа“, рече Нетанјаху, додавајќи дека движењето го прифатило договорот „само кога го почувствувало мечот на вратот“, објави „Тајмс оф Израел“.

Премиерот оцени дека планот на Трамп го изолирал меѓународно Хамас и дека токму овој притисок, во комбинација со воените акции на израелската армија, го принудил Хамас да направи отстапки.

Нетанјаху рече дека приоритет на израелската влада е ослободувањето на заложниците.

Тој најави дека телата на убиените заложници ќе бидат вратени „за еврејски погреб“.

Во својот говор, премиерот му се заблагодари на американскиот претседател „за неговото светско лидерство“ и неговите „континуирани напори за изготвување план за враќање на израелските заложници“.

„Уште еднаш, тој го докажа своето пријателство кон нашиот народ, кон нашата земја“, рече Нетанјаху.

Тој, исто така, им се заблагодари на врвните помошници на Трамп, специјалниот пратеник Стив Виткоф и неговиот зет, Џаред Кушнер, како и на израелскиот министер за стратешки прашања Рон Дермер и неговиот преговарачки тим.

Нетанјаху ги пофали силите на Израелските одбранбени сили и ги призна жртвите на семејствата на загинатите, истакнувајќи дека сирените и загубите од претходните две години го претворија празникот Симхат Тора во ден на национална жалост, додека сега се надева дека празникот ќе стане „ден на национална среќа“ со враќањето на киднапираните.

Премиерот рече дека Израел „постигнува огромни победи што го менуваат лицето на Блискиот Исток“ во војната, но предупреди дека конфликтот не е завршен и дека остануваат значајни предизвици.

Тој најави дека во следните фази, Хамас ќе биде разоружан, а Газа ќе биде демилитаризирана.

Нетанјаху, исто така, ги отфрли тврдењата на аналитичарите и новинарите дека враќањето на сите заложници без значителни отстапки кон барањата на Хамас не е можно.

Тој рече дека верува оти „силен воен притисок во комбинација со силен дипломатски притисок“ ќе овозможи враќање на сите заложници и дека, како што вели, тоа е направено.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот