Нема зошто да му се извинувам на Рашковски, вели Вилма Русковска

Колаж: Вилма Русковска и Драги Рашковски / Фото: Архива на „Слободен печат“

Обвинителката Вилма Русковска вели дека нема намера да му се извинува на обвинетиот поранешен генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, по вчерашното интервју во кое таа рече дека трпела закани и притисоци да се откаже од обвинението против Рашковски.

Во изјава за „Макфакс“, Русковска вели дека со ништо во интервјуто не го навредила, откако претходно Рашковски, кој е обвинет во случајот „Софтвери“, преку соопштение побара обвинителката да му се извини бидејќи јавно посочи оти имала непристојни понуди да биде назначена на функција додека предметот против него бил во истрага.

„Немам зошто да се извинам. Го навредив со нешто? Ниту го навредувам со нешто, ниту мислам да се извинувам, а воопшто не сакам да ги коментирам неговите изјави“, вели Русковска.

Рашковски посочи дека ако не добие извинување, ќе поднесе тужба за клевета против обвинителката.

„Согласно, Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета член 13 упатувам до Вас барањe за извинување и јавно повлекување на искажаното, кое доколку не следува, против Вас ќе биде поднесена соодветна тужба за клевета и навреда. Согласно член 9 од истиот закон “Тужениот е должен да ја докажува вистинитоста на фактите содржани во тврдењето”. Извинувањето барам да биде направено на истиот начин како што ја имате дадено и изјавата дека некој Ви правел притисок за овој предмет“, напиша Рашковски во соопштението.

Поранешниот владин генерален секретар постојано тврди дека не е виновен за злоупотребите со софтвер кои му се ставаат на товар и се обидува да ја убеди јавноста во тоа, испраќајќи соопштенија и колумни во медиумите.

Русковска вели дека трпела притисоци и закани да се откаже од обвинението против Рашковски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот