Русковска вели дека трпела притисоци и закани да се откаже од обвинението против Рашковски

Фото: Телма/принтскрин

Поранешната шефица на Обвинителството за гонење кривични дела од организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Вилма Русковска, вечерва во интервју за „Телма“ зборуваше за најистакнатите случаи кои ги поведе ова обвинителство, а откри и информации кои досега не беа познати во јавноста.

Русковска обвини дека трпела притисоци и закани да се откаже од шефовското место, а за возврат и било понудено да стане заменик републички Јавен Обвинител. Со овие понуди, како што рече, „сакаа да ме фатат на пенал, а тоа е почнувањето предистрага за тогашниот директор на Финансова полиција, Арафат Муареми“.

Русковска претпоставува дека со понудата на тие повисоки функции, ако таа ги прифатела, можеби ќе требала и да ја повлече, односно да се откаже од истрагата за случајот со поранешниот владин генерален секретар, Драги Рашковски.

„Можеби и тоа беше причината, тогашниот премиер и јавно кажа дека не ми верува мене кога станува збор за овој предмет. Кога бевме сега на дисциплинската комисија, јас го предложив професорот Калајџиев, за сведок-експерт, бидејќи таму се наведува дека сум сторила повреди на законот за кривична постапка, а Калајџиев кој бил дел од законот за кривична постапка, да каже дали јас навистина сум го сторила тоа дело. Но, не беше прифатен како сведок. А како докази за дисциплинската постапка беа наведени само претставките од Арафат Муареми“, вели Русковска.

Таа додава дека власта не сфатила дека нејзе „не ѝ била важна фотелјата, туку желбата да става темели на една правна држава“, и поради тоа повторно ја поднела кандидатурата за прв човек на Обвинителството за организиран криминал и корупција. Русковска, во гласањето на сите обвинители од државата, загуби од Ислам Абази, за кого се појавија информации и фотографии кои укажуваат на тоа дека тој е близок до владејачката Демократска унија за интеграција (ДУИ).

„Едноставно не сфатија дека мене не ми беше важно функција и фотелја. Јас сама се изборив за позицијата шеф на обвинителството за борба против организиран криминал од причина што сакав да почнам да ставам темели на една правна држава. Сите знаеме во каква состојба беше тоа обвинителство, едноставно не немаше на мапа. И затоа не се каам што тогаш не го прифатив тој предлог“, рече Русковска во интервјуто на „Телма“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот