Нема кој да сади домати и краставици, а и дождовите носат болести

epa-efe
Фото: EPA

Оние што не преземаа мерки навреме, ќе се соочат со наезда на штетници, предупредува агрономот Ристо Велков, претседател на Агросојуз од Струмица. Тој вели дека се намалуваат засадените површини со домати, краставици и пиперки затоа што нема кој да работи

Дождовите што долг период ја зафатија земјата, иако навидум донесоа зеленило, со себе носат и многу опасности за пиперките, доматите, краставиците… Оние што навреме не преземале мерки за заштита, нема да видат ништо од родот, вели агрономот Ристо Велков, претседател на Агросојуз од Струмица.

– Допрва ќе дојдат проблемите. Заштита на земјоделските посеви треба да се врши и на отворено и во пластениците, во спротивно со вакво време ќе ги нападнат штетниците, кои ќе дојдат во наезда, а тука е и најпознатата „пламеница“. Секој земјоделец, со правилен пристап, може да го заштити насаденото. Но, има и такви што тоа не го прават. Дел од незнаење, а причина за тоа е и што земјоделското производство е многу стана многу скапо – скапи се и репроматеријалите и заштитните средства и вештачкото ѓубриво, па се штеди, а заштедата на заштитни средства може потоа да ги чини земјоделците многу поскапо – изјави Велков за „Слободен печат“.

Тој вели дека земјоделците веќе ја обраа пролетната зелка и дека со неа одлично поминаа.

– Навистина оваа година не смееме да се пожалиме на тоа како поминавме со зелката. Сега на истата површина се сади индустриската пиперка – вели Велков.

Тој објаснува дека пиперките и зелката се поевтини и полесни за одгледување и дека тие го истиснуваат пиперот, доматот и краставицата.

– За зелка и за индустриска пиперка треба помалку работна рака, а и помали се трошоците. За краставици, пиперки и домати веќе нема доволно работна рака, а и самото производство е скапо. Затоа, површините под овие култури што беа препознатливи за Струмичко, постојано се намалуваат – ни изјави Велков.

Тој објаснува дека не е проблем само да се најдат работници туку и да се најдат квалификувани работници.

– Не е само да се викне работник. Ако тој не ја изврши работата како што треба, ќе има лоши последици по производството и ќе пропадне вложеното.

Веќе подолг период може да се види дека земјоделците по пат на социјални мрежи бараат работници за садење. Се нудат и по 2.000 денари дневно, но за садење по 10 часа. Вообичаено, место да се јават заинтересирани, се јавуваат „коментатори“ што зборуваат за тоа дека во Македонија веќе нема работна сила и дека сите млади си заминале.
Постарите земјоделци велат дека дури и нивните деца не сакаат да го наследат занаетот и дека бегаат во градовите или заминуваат во странство.

Од Владата, пак, уверуваат дека силно се фокусирани кон земјоделството и дека годинава почнува голема земјоделска реформа, која подразбира и поинаков пристап во субвенционирањето.

„Во услови на светска криза, со зголемен буџет за земјоделскиот сектор ја обезбедуваме сигурноста на населението дека храна ќе има доволно, преку зголемено производство. За да ја постигнеме таа цел, во 2023 година стартуваме со најголемата земјоделска реформа во историјата која претставува еден од петте столбови на кои се темели новиот буџет. За првпат во историјата започнуваме нов модел на субвенционирање и авансна исплата на субвенциите. Обезбедени се повеќе од 7 милијарди денари за субвенции и ова се рекордни средства што ќе овозможат зголемено домашно производство, со фокус на вистинските земјоделци. Поддршката е наменета за сите значајни култури и на развој на сточарството“, соопштија од Министерството за земјоделство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот