Нема да се градат детски градинки од неделниот промет во дуќаните

EPA-EFE
Градинките ги отворија вратите за децата / Скопје, 9 септември 2020 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Законот за трговија летоска е сменет, па надоместокот од 2 отсто од прометот остварен во трговијата, наместо за нови детски градинки, сега ќе се слева во новиот Фонд за развој и човечки капитал, кој сè уште не функционира

Нема да се градат нови детски градинки од прометот што трговците го прават со нивното работење во недела и на празници, а наместо за таа намена, парите ќе се слеваат во новиот Фонд за развој и човечки капитал.

Промената е вметната во изменетиот Закон за трговија, кој Собранието го донело летоска, поточно на 27 јуни. Во првичната верзија на Законот, надлежните ветуваа дека со тоа што моловите ќе работат во недела, во Буџетот ќе се слеваат 2 отсто повеќе даноци што ќе се користат за изградба на градинки. „Слободен печат“ се обрати до министерствата за труд и социјала и за економија за да разбере зошто е направена оваа промена и каква ќе биде намената на Фондот за развој и човечки капитал, но оттаму нè упатија до Министерството за финансии, од каде што не добивме одговор. Она што е јасно е дека законскиот надоместок од 2 отсто од вкупниот приход остварен во претходната година во недела и на празници, се уплаќа секоја година до 15 јануари во тековната година на сметка на Буџетот. Поточно, откако ќе се предадат завршните сметки, ќе се знае точната сума која ќе легне на државната сметка.

– Во став 8 зборовите: „детски градинки“ се заменуваат со зборовите: „Фондот за развој и човечки капитал“ – стои во Законот за изменување и дополнување на Законот за трговија, што Собранието на Република Северна Македонија го донело на седницата одржана на 27 јуни 2022 година. Во измените на Законот, нема образложение за промената.

Нема одговор и на прашањето – дали на државата ѝ се видело дека веќе има издвоено доволно средства за нови градинки, па затоа средствата од трговците ги пренасочила кон други цели? Презентирајќи го Предлог-буџетот, министерката за труд и социјала Јована Тренчевска меѓу другото рече дека за 2023 година се обезбедени средства за капитални инвестиции од 2,6 милиони евра, од кои 2,2 милиони евра се наменети за детска заштита, а 417 илјади евра социјална заштита. Со изградбата и проширувањето на планираните градинки, ќе се зголеми опфатот за околу 500 деца, рече таа.

– Дополнително преку Проектот за подобрување на социјалните услуги, се градат и се опремуваат уште нови градинки, со кои опфатот на деца во предучилишно воспитание ќе се зголеми за околу 450 деца. Овие нови детски градинки значат влез на нови 950 деца во предучилишно воспитание – додаде Тренчевска.

За неполн месец ќе се стори една година откако неделата стана неработен ден за најголем дел од вработените во државата, а на оние што работат, трудот им е платен со 50 до 100 проценти поголема дневница. Во недела работат специјализирани продавници или киосци за продажба на сладолед, колачи и апетисани, цвеќиња, сувенири, филигранство, весници и цигари, во туристичките места утврдени со Законот за туристичка дејност.

Работат и продавниците на бензински станици во чии рамки се врши трговија на мало претежно со храна, пијалаци и тутун, продавниците, киосците и штандовите во трговските центри (молови) кои имаат минимална ефективна површина за трговија на мало од 8.000 квадрати. Продажба во недела е дозволена и на штандови и киосци каде што се продаваат добра за време на спортски настани, фестивали и манифестации, саеми и за време на јавната проекција на кинематографски дела, во продавници за трговија на мало со храна (без зеленчук и овошје), пијалаци и тутун во кои продава лично само сопственикот на продавницата и на зелените пазари.

– За работниците кај трговците на мало од ставот 5 на овој член, ден на неделен одмор може да биде друг ден во неделата, според закон. Додатокот на плата за работа во недела и на празници изнесува најмалку 100 проценти, за секој час поминат на работа – дозволува Законот.

Прогласувањето на неделата за неработен ден, наиде на голем отпор кај дел од работодавачите, оправдувајќи се со непредвидените трошоци. И покрај сè, дури 92 отсто од вработените не работат во недела. Исклучоци има во четириесетина области што се од суштинска важност за да функционира државата нормално. Работниците што се ангажирани во недела добиваат 50 отсто поголема дневница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот