Нема атмосфера за славење, рестрикција и за кафеанските журки

Луѓе со маски на плоштад / фото: Слободен печат - Драган Митрески

Скопје ќе биде заобиколено во плановите за прослава, а повеќето скопјани ќе слават во кафеаните во внатрешноста. Сега е „модерно“ да се штеди, па и оние кои имаат пари не сакаат да бидат прозвани дека се растрошни, велат угостителите

Иако помина половина од декември, кафеаните се уште прибираат резервации за предновогодишните прослави. Голем дел од компаниите, кои во претходните години организираа вакви забави за своите вработени или клиенти, годинава се солидаризираа со промовираниот тренд на штедење и немаат намера да трошат екстра пари, вели за „Слободен печат“, Здравко Јосифовски, претседател на Независната угостителска комора.

Јосифовски, додава дека угостителите и оваа година подготвиле стандардни и универзални менија за ручек, вечера или коктел прослави. Некои се сведени на пијалаци или храна, но поради недостиг од персонал сè повеќе се нудат менија со неограничено пиење или храна од типот на шведска маса. Неблагодарно е вели Јосифовски, да зборуваме за цени, бидејќи дел од угостителите нудат почетно мени од 600 денари, но има и угостителски објекти во кои премиум менијата можат да достигнат и до 6.000 денари по лице.

-Многу е важно да се разграничи што е вклучено во цената, каква програма се нуди за тој ден или за самиот настан и забава, дали има жива музика. Но ако порано уште на 1 ноември се знаеше кој и каде ќе слави, сега сме половина од декември, а голем број фирми не донеле одлука дали и каде оваа година ќе ја организираат својата корпоративна предновогодишна забава. Последните години се поочигледно е дека предновогодишните настани се организираат во последната недела пред Нова година, кога се бара место плус во реномираните угостителски објекти- додава Јосифовски.

Тој го дели расположението на неговите колеги кои се разочарани од неинвентивноста, пустелијата и неукрасениот главен град.

-Какво е украсувањето, такво ни е и расположението. Ова е срамота, на две недели до Нова Година, да нема ниту еден знак дека главниот град ќе биде украсен или пак дека ќе има организиран пречек на Плоштадот. Пред короната кога Дино Мерлин настапуваше во Скопје за новогодишната ноќ, сите сместувачки капацитети беа распродадени. Се проценува дека тогаш дошле од 5 до 10 илјади туристи. Имаше расположение, имаше заработувачка за сите, гостите беа презадоволни. Сега Скопје е темно и пусто, единствените сијалички на плоштадот се од балоните кои се продаваат. Затоа и Скопје ќе биде заобиколено во плановите за прослава, а повеќето скопјани ќе слават во кафеаните во внатрешноста – критикува Јосифовски.

Изминативе две години, поради пандемијата никому не му беше до прослава, уште повеќе што беа наметнати строги здравствени протоколи.

-Тамам мислевме дека годинава ќе живнеме, не стигна енергетско-економската криза. Сега е „модерно“ да се штеди, па и оние кои имаат пари не сакаат да бидат прозвани дека се растрошни. Се ќе се сведе на индивидуална проценка, што не ветува ништо добро за угостителите – оценува Јосифовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот