(Не) успехот на Филипче

ана анастасовска
Ана Анастасовска. / Фото: Слободен печат

Пред избори политичарите раскажуваат бајки. Само прашање е кој остана да верува во нив? Очигледно само Филипче и тимот околу него.

Покажавме што значи добар менаџмент на здравствена криза, покажавме што значи тимска работа, покажавме што значи пожртвувана работа, покажавме дека граѓаните може да се чувствуваат сигурни, покажавме што значи политичка одговорност.

Ова се зборовите на министерот за здравство Венко Филипче искажани на една од трибините во рамки на кампањата за претстојните локални избори.

Ви звучи како некоја бајка? Сигурно. Пред избори политичарите раскажуваат бајки. Само прашање е кој остана да верува во нив? Очигледно само Филипче и тимот околу него.

За какво менаџирање на здравствена криза и за какво чувство на сигурност зборува министерот? Ако мисли на менаџирањето на почетокот од кризата кога на ден имаше заболени по едвај 40 луѓе – да, точно е. Тие месеци успешно се менаџираше кризата. Но, што е со месеците кога нѐ удри вториот бран од корона-кризата. Оние месеци кога илјадници граѓани не знаеја кој крај да го фатат. Место во болниците немаше никаде, само за оние со дебели врски. Лекови во аптеките немаше, клексани и фраксипарини се бараа под дрво и под камен. Да не зборуваме за суплементите за подигање на имунитет кои преку ноќ поскапеа речиси двојно. Оние што не можеа да најдат место во државните болници, беа оставени на немилоста на приватните болници, кои ги дереа граѓаните без око да им трепне. А, зошто да им трепне, кога токму министерот Филипче им дозволи да профитираат во оваа криза. А богами добро профитираа и приватните лаборатории, бидејќи тест за корона не можеше да се направи на државно. Или требаше да се чека една недела, таман да завршите во болница додека дознаете дека сте заразени.

За каква сигурност зборува Филипче, кога голем дел од матичните лекари (со чест на исклучоците) ставија клуч на своите ординации, а граѓаните немаше кој да ги прегледа, па и ден-денес совети бараат на социјалните мрежи. Лекарите останаа без насоки и протоколи за лекување. И тие и граѓаните беа оставени сами на себе. Да лечат и да се лекуваат водејќи се од сопствените инстинкти. Сето ова ја смести Македонија во топ-пет листата на земји во светот според починати од коронавирус. Ова ли е успешно менаџирање на здравствената криза? Ќе понесе ли некој одговорност за ова?

А што е со вакцините за кои секојдневно и лекарите, но и министерот Филипче трубат дека се единствена заштита од коронавирусот? Македонија последна во регионот набави вакцини. Тука не ги сметаме донираните од Србија благодарение на кои успеавме во прво време да ги заштитиме лекарите и вработените од критичната инфраструктура. Во недостиг на вакцини, граѓаните беа принудени чарето да го бараат во Србија. Илјадници Македонци, на свој трошок, во ек на најголемата економска криза, тргнаа кон Табановце да се заштитат себеси и своето семејство. Да се вакцинираат против коронавирус во туѓа држава. За што плаќаме здравствено осигурување? За да се лекуваме во приватни болници за 15 илјади евра и за да се вакцинираме во други држави? Ова ли е успехот на Филипче?

Вакцини повторно нема и повторно ги слушаме изјавите на министерот, денес ќе стигнат, утре ќе стигнат, до крајот на месецот ќе дојдат. Индискиот сој на вирусот се посилно се заканува да не нападне на есен. А државата што прави? Ништо буквално. Стратегија нема, вакцини нема. Се виси во воздух. Граѓаните пак ќе бидат оставени сами на себе, со молитвите да не се разболат, бидејќи којзнае како ќе завршат. Ете тоа е вашата сигурност, министре.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот