„Не може на училиште со гол стомак и градите надвор“ – професорка од тетовската гимназија ги налути женските здруженија

Тетовската гимназија „Кирил Пејчиноиќ“ Фото: Фејсбук

„Девојчињата не треба да доаѓаат со гол стомак и со градите надвор“ – ова е пораката со која директорката на тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“, Илвије Зибери Јашари, реагирала на, според неа, премногу слободниот начин на кој се облекуваат девојките во училиштето, пишува порталот Фљака.

Професорката, која е одговорна за образование во училиштето, пораката ја пратила во комуникација со колегите во група на „Viber“, а случајот го разоткри невладината организација Центар за еднакви можности „Бубамара“ од Тетово, која за пораката дознала „од неофицијални извори“.

Во пораката што ја споделија од „Бубамара“, се наведува дека секој што ќе се спротивстави на кодексот на облекување, треба да се упати кај раководителката, за таа да ги повика родителите.

Оваа наредба е уште поапсурдна ако се знае дека и девојчињата и момчињата во гимназијата плаќаат од свој џеб за униформи кои целосно ја покриваат нивната облека, велат од организацијата.

Според „Бубамара“, трендот на зголемување на контролата врз облеката на учениците се смета за апсолутна контрола врз нивното тело и е дискриминаторска бидејќи се однесува само на девојчињата. Оттаму се загрижени дека телото на малолетните девојчиња продолжува да се сексуализира и објективизира во училиштата. Организацијата смета дека ваквите случаи се загрижувачки, со оглед на недостигот од сексуално образование, на што се спротивставуваат истите професори кои сметаат дека децата, односно учениците, треба да се држат во синџири со стари правила кои одамна не се во мода“, стои во реакцијата.

„Оваа порака ги тера девојките да веруваат дека нешто не е во ред со нивното тело и дека истото може да биде „причина“ за вознемирување или провокација. Ваквите пораки и наредби негуваат култура која ја обвинува жртвата, а не насилникот. Наместо да ги едуцираат момчињата, тие ги ограничуваат девојчињата“, се вели во реакцијата на „Бубамара“.

Од невладината органзиација бараат професорката да ја повлече изјавата и да се повлече од својата функција.

„Бараме управата на училиштето да ги преземе неопходните чекори за елиминирање на сексистичките појави во просториите на ова училиште и разрешување на професорката која промовира сексистички јазик“, се вели во реакцијата на Центарот за еднакви можности „Бубамара“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот