Наставниците на штрајк, учениците запишани во дневникот (ВИДЕО)

Различните ставови на СОНК и на Министерството за образование и наука во врска со вчерашниот штрајк, направија повеќе штета отколку корист. Покрај разочараните првачиња кои вчера беа вратени од прагот на училишните врати, денеска изреволтирани се и дел од средношколците кои поради недоразбирање вчера биле запишани во дневникот, како отсутни од часовите. Ова се случувало во скопската гимназија „Георги Димитров“, откри за „Слободен печат“ родител на ученик од втора година, а информацијата ја потврди и директорот на гимназијата, Сашо Стојменов. Тој категорично тврди дека во гимназијата било пракса уште на првиот училишен ден, учениците да започнат со редовната настава и одржување на сите часови.

– Во „Георги Димитров“ веќе десет години наназад, учениците со часови почнуваат уште првиот ден. Доаѓаат на училиште, добиваат распоред за часови и книги и започнуваат со редовната настава. Сите кои  вчера не беа присутни на настава, беа запишани во дневникот во графата за отсутни, но секако дека имаат можност да донесат оправдание и изостаноците да им бидат оправдани – ни изјави Стојменов.

Тоа и немаше да биде толку спорно, доколку во училиштата низ Републиката за вчера не беше најавен штрајк на наставниците, кој за голем број ученици беше доволна причина да го пропуштат првиот ден на училиште. Дека во гимназијата не се штрајкувало, денеска информираше токму директорот, но не прецизираше дали информацијата за бојкот на штрајкот била соодветно пласирана до сите.

Став за ваквиот однос побаравме и од претседателот на СОНК, Јаким Неделков, кој беше изненаден од одлуката, ученици да бидат запишувани како отсутни во ден за кога е најавен штрајк. Го прашавме дали постои евентуална можност и на наставниците да им бидат скратени дневници поради неработниот ден, на што добивме одговор дека таква можност нема.

– Наставниците беа на работно место, денот беше работен, само немаше настава. Учениците не смееле да бидат запишувани како отсутни, бидејќи од наша страна беше уредно најавен штрајкот. Ние не сакаме нашите права да ги остваруваме преку грбот на учениците и жалам поради недоразбирањето до кое дошло – рече Неделков во изјава за „Слободен печат“.

Според него, запишувањето на учениците како отсутни делува сомнително, како да се сака да се изврши притисок врз наставниците за штрајкот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот