Нашиот четврт Илинден

Благојче Атанасоски

Да, пожарникарите се нашите херои, како што беа и здравствените работници, ама вие сте нашите гробари, вие сте смртта на Македонија, нашиот поробувач, десет пати пострашен од петвековниот турски и децениските соседски после него. Патетичните заложби за ден Илинден, токму од вас, треба да бидат изговорени од нашите усти против вас, како тридецениски поробители и како наш завет за ослободување од ова „модерно ропство“, во кое не заробивте во невиден криминал, корупција, јавашлук, апашлук, некадарност, бездарност, некомпетентност и површност

Сликата  на тројцата легнати изнемоштени струмички пожарникари кои се бореле со огнените стихии во Пехчевско-Пијанечкиот крај е поразителниот портрет на Македонија во овие изминати три децении независност. Има многу соодветни слики кои ја опишуваат македонската трагедија, но оваа ќе биде врежана во меморијата на Македонците долго време. Во ова време-невреме, на наше триесетгодишно егзистирање и битисување на нешто што формално-правно се нарекува држава, а суштински е испразнета од државотворната содржина, денеска треба да му се оддаде почит најмногу на тој, кој со својот труд, чесност во работата, пожртвуваност и беспоштедност, сака да придонесе за општото добро. Согласно актуелнава состојба со пожарите, сега тоа се пожарникарите, пред скоро време на браникот на човештината беа медицинските сестри и целокупниот здравствен персонал, некогаш тоа биле армијата, во минатото и архитектите, градежниците, општите работници кои ја подигнувале оваа земја од прав и пепел после Втората светска војна.

Секоја  професија треба достојно да се вреднува!

Сме се запрашале ли ние, како држава, кое е нивното место во самото општество и нели е тоа можеби главната одлика по која се класифицираат државите на успешни и развиени или земји од третиот свет?! Односно, ако работниците и чиновниците од погоре наброените професии се деградирани со платата, општествениот статус и начинот како се поимани во општествениот јавен дискурс, како тоа ние мислиме и сметаме дека ќе бидеме еден ден држава полноправна членка на Европската Унија, со сите нишани? Во најблага форма на значењето на зборовите  цинизам и иронија, може да се наречат пораките на нашите функционери, и пред се пратеници, и од власта и од опозицијата  кои ја споделуваа  веќе „култната“ слика на преморените струмички пожарникари со „браво, вие сте нашите херои“, кога истите тие функционери со своето недејствување или коруптивно делување ги довеле до тоа дереџе тие кои живот значат за сите нас, односно во вакви ситуации – нашите животи се во нивни раце. Знаат ли пратениците, колкави плати земаат пожарникарите? Со што еден пратеник, кој седи во удобните фотељи, си „штрака“ на мобилниот и чека да му помине време, и единствена работа му е само да го притисне зеленото копче по налог на матичната партија која го поставила на тоа место, е  позаслужен од еден пожарникар, кој си ја става главата во оган (во буквална, не во преносна смисла на зборот), да зема речиси три пати поголема плата од него? И каква корист пак ние како граѓани во изминативе три децении видовме по квалитетот на нашиот живот од сите пратеници во сите пратенички состави наназад? Во негативна смисла, да, се разбира. Нема да правам паралела со платите, патните трошоци и останатите привилегии на пратениците и другите државни функционери со тие на докторите, професорите, уметниците, бидејќи е излишно. Уште на времето, пред стотина години, големиот реформатор и основоположникот на модерна Турција, Кемал Ататурк (таткото на сите Турци), истакнал дека една држава може да биде развиена и да оди напред, ако докторите и професорите земаат поголема плата од пратениците. По оваа логика на можеби најголемиот Турчин во историјата на оваа вековна и моќна нација, ние триесет години никако да тргнеме напред, а со постојната фактичка состојба и денеска, тешко дека тоа ќе се случи  во догледно време, барем не во идните триесет години.

Нас срамот туѓ не изеде, нив уво не ги боли!

Да, пожарникарите се нашите херои, како што беа и здравствените работници, ама вие сте нашите гробари, вие сте смртта на Македонија, нашиот поробувач, десет пати пострашен од петвековниот турски и децениските соседски после него. Патетичните заложби за ден Илинден, токму од вас, треба да бидат изговорени од нашите усти против вас, како тридецениски поробители на ова парче земја и како наш завет за ослободување од ова наше „модерно ропство“, во кое не заробивте и потонавте во невиден криминал, најраспространета на цел свет корупција, јавашлук, безобразен апашлук, некадарност, бездарност, некомпетентност и површност. Тоа треба да биде наш четврт Илинден, кон тоа треба да се стремиме и бориме, против вас, нашите домашни поробувачи, да ве испратиме на буништето на историјата и одново Македонија да ја изградиме како држава, овој пат како што треба и како што ја личи. Просперитетна, перспективна, со функционални институции на системот, висок животен стандард и благосостојба во која секој еден граѓанин ќе се чувствува нејзин достоинствен жител. Тоа е најмалку што заслужуваме.

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот