Народната банка ја зголеми основната камата, ќе поскапуваат кредитите?

Фото: Слободен печат/Архива

Основната каматна стапка, всушност е каматата за благајничките записи.Благајничките записи се нудат на ауција на кои може да учестуваат само банки. Затоа, од оваа камата зависат и каматите на банките кон клиентите

Со мала корекција, зголемувајќи ја основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, Народната банка ја затегна монетарната политика, како одговор на растечката инфлација. Растот на основната каматна стапка е сигнал за поскапување на парите и вообичаено и банките реагираат зголемувајќи ги каматите, со што кредитите стануваат поскапи.

Основната каматна стапка, всушност е каматата за благајничките записи. Основната функција на благајничките записи (хартии од врдност што ги издава Народната банка) е управување со ликвидноста на банкарскиот систем. Благајничките записи се нудат на ауција на кои може да учестуваат само банки, и сега тие за овие хартии од вредност треба да платат повисока цена, објаснуваат економистите.

„На седницата на Комитетот беше одлучено да се зголеми каматната стапка на благајничките записи за 0,25 п.п., пред се како превентивен одговор на растечките инфлациски очекувања, во услови на задржани оцени за отсуство на поизразени притисоци од домашната побарувачка и присутни надолни ризици за неа во следниот период. При донесувањето на ваквата одлука во фокус беа најновите движења кај инфлацијата и инфлациските очекувања. Инаку, износот на понудата на благајнички записи на денешната аукција е непроменет, односно 10 милијарди денари“, информираше Народната банка.

Најновите податоци покажуваат дека инфлацијата продолжи да забрзува и во март 2022 година достигна годишна стапка од 8,8 проценти. Главните фактори на поместувањата на ценовното ниво и понатаму се факторите на страната на понудата, односно цените на енергијата и на прехранбените производи, поради растечките увозни цени. На нив отпаѓа повеќе од три четвртини од растот, забележува Народната банка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот