Националната галерија со изложба го одбележа јубилејот „110 години од раѓањето на уметницата Лена Стефанова“

Отворање на изложбата во Чифте амам / Фотографија: Маја Аргакијева

Во Националната галерија на Република Северна Македонија, во објектот Чифте амам, од 20 декември е поставена јубилејната изложба „110 години од раѓањето на уметницата Лена Стефанова“. Богатата поставка ги опфаќа трите сликарски техники во кои работела уметницата: масло на платно, цртежи и акварел.

На отворањето на изложбата за животот и делото на Лена Стефанова говореа директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими, историчарката на уметност Викторија Васева Димеска и кураторката Татјана Бундалевска.

– Во историјата на современата македонска ликовна уметност, Лена Стефанова зазема втемелувачко и изделено место. Таа ѝ припаѓа на генерацијата уметници кои чувствувајќи ја и доживувајќи ја моралната и духовната тензија на своето време, се вклучиле во современиот живот и без двоумење ги прифатиле тековите на современата ликовна уметност – истакна д-р Дита Старова Ќерими.

Пишуваните текстови и аналитичките студии што се посветени на животот и делото на Лена Стефанова се многу малку. Мал број каталози од нејзините постхумни изложби даваат некаков увид во нејзината уметност, но се работи за релативно кратки текстови што не влегуваат во некаква детална анализа на нејзиното творештво.

Лена Стефанова – Автопортрет, 1951-53, акварел

Лена Стефанова имала голема улога во културниот живот како прва уметница во современата македонска ликовна уметност. Нејзиниот уметнички придонес е огромен иако животната судбина ѝ била особено тешка, така што нејзиниот живот бил постојана борба и барање на суштината на животот, љубовта, природата, пејзажот, акварелот.

– Колку што претставува чест и задоволство, толку е и долг, но и радост, да се зборува за еден подзаборавен живот на делото на Лена Стефанова, за разлеаните, топли и опојни миризби на душата на акварелот. Предадена на тајните на природата и на енигмите на творечкиот чин, на тој волшебен процес на паметењето на окото, исечоците од светот што ја опкружува ги претвора во лирски обоена слика, доживувањата во материја, чувствата во визуелен податок.

Нејзе не ја интересираше светот на разулавената Европа, бидејќи не ѝ припаѓаше на таа звучна и опојна атмосфера на мјузиклите, на борделите, на големите булевари… таа го сликаше она што го гледа, што го чувствува, што го сака – слики од нејзиното непосредно опкружување: топлите бои на есента, лелеавите пејзажи, селските амбиенти, скромните градски визури, историските, митските личности од нејзината почва, миризбата на цвеќето, овошјата, мртвата природа… што се шират во патријархалниот амбиент, нешто свое, автохтоно и специфично.

Лена Стефанова – Мртва природа (кошничка со овошје), 1955, акварел

Зад тој едноставен исечок од животот, од ентериерот, од природата, од амбиентот, обичен и секојдневен, без патос и патетика, се крие нејзината сложена и страствена природа. Како да има подигнато некој непробивен ѕид меѓу минатото и сегашноста, меѓу болката, страдањата, маката… и новиот ден, со силна волја и некоја интуитивна дисциплина за да ја помести својата интима од разулавениот свет, да ги помири во својата средена и хармонична личност тие два света на Ерос и Танатос, да го проткае своето дело со тивкото струење на животот. Носталгично ги осветли вистинските извори на своето битие, сопствената проекција на рајот во тој патријархален и чист народен живот кој меланхолично го посматра додека води имагинарен осаменички разговор со тишината, со заштитничката топлина на ентериерот и питомиот молк на пејзажот.

Нејзиното творештво е целовито и доследно, без потреси, без нагли амплитуди, без успони и падови, без резигнираност, без драстично видливи белези од нејзиниот слоевит и трауматичен живот. Достоинствено ги носеше своите мачни спомени, без патетика и наративност, му се посвети на разубавениот свет на сликата, зад кој, во длабочините на пејзажите, пределите, мртвите природи и портретите, постојано тлееше некоја носталгија и достоинствена тага, некоја меланхолија на осаменоста, некоја копрена, под која тивко се слушаше елегичната мелодија на нејзината животна приказна – истакна историчарката на уметност Викторија Васева Димеска.

Лена Стефанова – Грне, 1945, акварел

Куратори на изложбата се Татјана Бундалевска и Елена Иванова, а во Чифте амам ќе биде поставена до февруари 2024 година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 210, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24.12.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот