НА ПИВО И КНИГА СО НЕЛЕ: Балканот е посебна приказна и непресушна инспирација (ФОТО)

Фото: Слободен печат

Ненад Јанковиќ, уште подобро познат на македонската и воопшто балканската публика како Д-р Неле Карајлиќ, ѕвездата на „Забрането пушење“ и Топ-листа на надреалистите“, синоќа во книжарницата Литература.мк во центарот на Скопје одржа една неформална дружба, каде најмногу се зборуваше за неговата втора книга „Солунска 28“.

На настанот насловен „На пиво и книга со Неле“, пристуните имаа прилика да слушнат како славниот музичар, актер, сега веќе и писател, ја добил инспирацијата да ја напише книгата „Солунска 28“, чија промоција се случи во мај, а за една недела излегува и втор дел од оваа трилогија, која најпрво ќе се промовира во Србија на српски јазик.

Преку неформално дружење и опуштена атмосфера, Неле одговараше на прашањата кои претходно неговите фанови ги поставувале на Фејсбук на страницата на Литература.мк, а најголемиот дел од нив се однесуваа токму за книгата.

Сепак, познатиот шоумен и оваа прилика ја искористи преку шега и своите единствени анегдоти да ја направи атмосферата уште поубава.

На прашањето, зошто книгата се вика „Солунска 28“ и од каде идејата за оваа книга, Неле истакна дека всушност станува збор за куќа во Белград во која живееле околу 20 членови од неговото семејство, па впрочем е раскажана приказна за настаните кои се случувале таму.

– Во Србија дојдов како бегалец од Сараево во 1992 година, па барав стан за да живеам под кирија. Тогаш, ми се јави една моја роднина и ми рече, зошто бараш стан, кога ти имаш куќа во Белград и тоа во најстариот дел од градот, на Солунска 28. – рече Неле.

Сепак и покрај тоа, ниту една вечер не преноќил таму, бидејќи, како што му било кажано, таа куќа била негова, но и на уште 20 членови од неговото семејство.

– Иако не останав ниту една вечер, таа 1992 година и ветив на куќата дека ќе направам приказна за неа. Еве 20 години подоцна напишав роман за таа куќа, кој повеќе е фикција отколку стварност, иако е тешко да се докаже дека тоа навистина не се случувало – додаде Карајлиќ.

За тоа како добива инспирација да пишува книги, Неле рече дека Балканот е посебна приказна, па дека е потребно само да се отвори прозорецот и инспирацијата доаѓа сама.

Покрај за своите книги, Неле зборуваше и за најтешките периоди во животот, посебно нагласувајќи го фактот дека доживеал инфаркт, нешто за што всушност се зборува и во неговата прва книга „Фајронт Сараево“, а покрај делот за литературата и музиката, не изостанаа ниту прашањата за политиката.

Неле беше прашан за тоа како гледа на војната, а потоа и дали се смета за југоносталгичар.

– Војната е најсрамниот период за мене. Бидејќи бев еден од оние кои го предвидуваа тоа, им велев на сите дека тоа ќе се случи, но не бев послушан. Поради тоа ми е многу криво и се чувствувам срамно – рече Неле.

За тоа кога било подобро да се живее на Балканот, дали за време на Југославија или сега, легендарниот музичар рече дека тој повеќе е „реалносталгичар“, отколку југоносталгичар.

– Немам ништо против оние на кои им е подобро сега, отколку за време на Југославија. Но, ако ме прашувате мене, тогаш јас ќе ви кажам дека беше подобро тогаш. Сепак, не би се нарекол „југоносталгичар“, туку повеќе „реалносталгичар“, бидејќи е факт дека за време на СФРЈ беше подобро – изјави Карајлиќ.

На крајот од дружбата, Неле им се потпишуваше на оние кои ја купија неговата книга, по што следуваше и групна фотографија со неговите верни фанови.

Сепак дружбата помеѓу Неле Карајлиќ и скопјани не завршува овде, бидејќи тој вечерва ќе има свој настап на „Пиво фест“, каде на публиката овојпат нема да и зборува за литература, туку ќе ги потсети на своите најголеми музички хитови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот