На пензионерскиот „рај“ му доаѓа крајот, завршува поддршката за ранливите категории

Пензионери/ Фото EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

На 23 април ќе биде исплатена петтата и последна рата од финансиската помош за пензионерите, а Законот не предвидува продолжување на исплатата по истекот на овој рок, информираат за „Слободен печат“ од Министерството за труд и социјала. Мерките почнаа лани од 1 декември, а со нив беа опфатени повеќе од 187 илјади пензионери

На 23 април ќе биде исплатена петтата и последна рата од финансиската помош за пензионерите, а лошата вест е дека не е предвидено продолжување на оваа мерка од антикризниот пакет. Како во иднина ќе им се помага на ранливите категории, вклучително и на пензионерите, останува да одлучи идната влада. Ученици, студенти, ранливи категории семејства, пензионери со ниски пензии, лица со посебни потреби, самохрани родители приматели на гарантирана минимална помош, земјоделци, како и компании, беа опфатени со 26-те нови антикризни мерки на Владата. Овој пакет тежеше 662 милиони евра, а беше наменет како поддршка за ранливите категории граѓани и компаниите, како и за надминување на тешкотиите во услови на зголемени трошоци на живот и продолжени ефекти од енергетската криза.

– Според член 4 од Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории граѓани („Службен весник на РСМ“ бр. 269/23), финансиската поддршка за корисници на право на пензија во висина до 19.000 денари се исплаќа за период од пет месеци, почнувајќи од месец декември 2023 година. Законот не предвидува продолжување на исплатата по истекот на овој рок – информираат за „Слободен печат“ од Министерството за труд и социјала.

Од декември до април за поддршка на пензионерите беа планирани да се потрошат 35 милиони евра. Пензионерите со пензија до 14.000 денари добиваа по 3.000 денари месечно, тие со пензија од 14.000 до 16.000 денари по 2.000 денари месечно, а по 1.500 денари беше месечната поддршка за тие со пензии од 16.000 до 19.000 денари.

Мерките почнаа од 1 декември, а со нив беа опфатени 120 илјади млади лица, повеќе од 74 илјади социјално ранливи категории граѓани, над 187 илјади пензионери, 40 илјади земјоделци, речиси 540 илјади корисници на апликацијата Мој ДДВ, 600 илјади домаќинства и над 70 илјади компании.

На 1 март пензиите се зголемија за 5,3 отсто, а новото, според законот следува во септември. Со ова покачување, најниските пензии се зголемија за околу 600 до 800 денари. Во оваа најниска група спаѓаат околу 40 отсто од пензионерите, или околу 140 илјади пензионери. Македонските сениори веќе се изјаснија дека стандардот им е многу низок и дека покачувањето е недоволно за пристоен живот.

– Знаеме дека не е доволно усогласувањето од 5,3 отсто, затоа што најголем дел од пензионерите, речиси 160.000 земаат пензија до 20 илјади денари. Ова не е покачување, туку усогласување во согласност со порастот на трошоците за живот. Затоа ние веднаш кога ќе дојдеме на власт, ќе ја смениме методологијата, односно порастот на пензиите да биде линеарен – изјави Ѓоко Велковски, министер за труд.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот