На Онкологија пред два месеци снема хемотерапија „Таксол“, пациент ја плати услугата 600 евра во приватна болница и ФЗОМ го одби за рефундација

Кога пред два месеци на државната Клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје снема хемотерапија „Таксол“ поради проблем со дистрибуцијата, пациент од Скопје, чиј идентитет ѝ е познат на редакцијата на „Слободен печат“ беше загрижен и вознемирен за своето здравје. Тој за нашата редакција тогаш изјави дека тоа што ја нема хемотерапијата, за него претставува компромитација на процесот на лекување. Со самото тоа што протоколот за лекување кај него се состоел од два лека, од кои едниот го немало – тој почнал да паничи, зашто знаел, а и онколозите претходно му кажувале дека колку повеќе се придржува до протоколот толку подобри му се шансите за позитивен исход. Затоа сите претходни хемотерапии овој пациент ги примал точно на 21 ден како што е пропишано, сè до тој ден.

-Дојдов тоа утро на Клиниката за онкологија и требаше да примам еден протокол на хемотерапија составен од два лека. Секој од нив требаше да го примам по 3 часа. Првиот лек од протоколот „Таксол“ го немаше, а вториот го имаше. Ми рекоа дека ако си го најдам првиот лек во Бугарија или Србија, може да го донесам да ми го аплицираат. А ако не, да ми го аплицираат само тој што е втор на протоколот што беше понуда која ја одбив бидејќи сакам да се лекувам според протоколот. Тоа ми беше последната хемотерапија и претходните ги примав на точно 21 ден. Бев вознемирен, зашто сакам да се лекувам според протоколот како што треба, а не нецелосно, се присеќава пациентот.

Но, лекот на државната Клиника за онкологија го немало, а на пациентот никој не му кажал каде во Македонија може да се купи. Го упатувале во Бугарија или во Србија. Затоа тој следниот ден заминал во приватна клиника во Скопје каде дознал дека лекот го има и платил 38 илјади денари за да му биде аплицирана хемотерапијата. Во деталната сметка од приватната болница во која имавме увид, само користењето на дневната болница и апликацијата на хемотерапијата до три часа е фактурирана нешто над 19 илјади денари. Контролниот преглед е наплатен 7.600 денари. А ампулата „Таксол“ што на државна Онкологија ја немало, во приватната болница чини 6.021 денар и толку му била наплатена на пациентот.

Меѓутоа, кога тој поднел документи во Фондот за здравство за рефундација на потрошените пари во приватната болница за хемотерапијата што во државна Онкологија ја немало, од подрачната служба Скопје добил решение дека барањето му се одбива.

„Постапувајќи по барањето со приложените докази и увидот во службената евиденција која се води во Подрачната служба, се утврди дека Фондот нема склучен договор со оваа приватна здравствена установа за вршење на вакви здравствени услуги. Од ова произлегува дека не се исполнети условите за признавање на правото на трошоци за рефундација на лекови согласно член 10 точка 8 од Законот за здравствено осигурување“, пишува во решението за одбивање на рефундацијата за „Таксол“.

Пациентот за „Слободен печат“ рече дека ќе вложи жалба до министерот за здравство Азир Алиу против ваквото решение, затоа што смета оти кога државното здравство не е способно да овозможи хемотерапија за тој да се придржува кон протоколот за лекување и кога на таков начин е принуден да оди во приватна болница каде единствено може да се најде лекот кој инаку во аптека не може да се купи – тогаш тој не треба да биде и финансиски оптоварен за ваквата ситуација што ја предизвикал државниот систем за лекување.

Лекот „Таксол“ кој може да се применува само во здравствена организација, фигурира на позитивната листа на лекови што се издаваат во болница.

Директорот на Клиниката за радиотерапија и онкологија доктор Игор Стојковски за „Слободен печат“ вели дека во моментов тој лек го има на Клиниката за онкологија, за разлика од пред два месеци кога го немаше поради дефектура во дистрибуцијата и по вина на добавувачот, и покрај тоа што Клиниката го нарачала.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот