На небото утре нѐ очекува вистински спектакл, сина Супермесечина која ќе се повтори дури во 2026 година

Супермесечина над Македонија/Шпанија/Сирија/Фото: EPA/Georgi Licovski/EPA/Javier Cebollada/Delil SOULEIMAN / AFP / Profimedia

Во среда на небото ќе биде видлива сина Супермесечина. Тоа е втора полна месечина во рок од еден месец, поради што се нарекува сина Супермесечина. Имено, првата полна месечина овој месец можеше да се види на 1 август, додека втората ќе биде утре, 30 август.

Во просек, Супермесечината е околу 16 отсто посветла од просечна Месечина. Изгледа и поголема од просечната полна месечина. Феноменот се јавува кога орбитата на Месечината е најблиску до Земјата, во исто време кога Месечината е полна.

Супермесечината на 30 август ќе изгледа уште поблиску до Земјата отколку полната месечина на почетокот на август. Последната од четирите последователни Супермесечини оваа година ќе биде на 28 септември.

Оние кои ќе ја пропуштат утрешната сина Супермесечина ќе мора да чекаат доста време пред да се имаат можност да ја видат следната. Според НАСА, околу 25 отсто од полните месечини се супермесечини, што е доста вообичаено, а само 3 отсто од полните месечини се сини месечини. Следната сина Месечина нема да биде видлива до мај 2026 година. Во 2037 година овој феномен ќе биде видлив и во јануари и во март.

Заедно со сината Супермесечина, во среда на небото ќе биде видлив и Сатурн, па на љубителите на астрономијата им претстои вистинско небесно уживање.

Што е супермесечина?

Патеката по која Месечината орбитира околу Земјата не е совршен круг , туку малку издолжена елипса. Во исто време, тој е малку поместен, па точката каде што е најблиску до Земјата се нарекува перигеј, а точката каде што е најдалеку се нарекува апогеј. Во просек, Месечината е оддалечена од Земјата околу 384.400 километри.

Под влијание на гравитацијата на Сонцето и планетите (првенствено Сонцето), патеката на Месечината се поместува малку подалеку во однос на Земјата, така што секој перигеј не е подеднакво блиску, како што не е секој апогеј подеднакво далеку. На перигеј, Месечината е најблиску до Земјата на околу 363.295 км, додека во апогеј, таа е на максимално растојание од околу 405.503 км.

Супермесечината не е официјален, астрономски термин, туку кованица измислена од набљудувачите на небото и медиумите. Астрономите ги користат термините Месечина на перигеј и Месечина во апогеј.

Што е сина месечина?

Сината месечина е феномен во кој полна месечина се појавува по втор пат во еден календарски месец. Ваквата појава е можна затоа што на Месечината и се потребни 29,53 дена да ја обиколи Земјата, додека календарскиот месец може да трае 31 ден, пренесува „Индекс.хр“(Index.hr).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот