На Млад отворен театар почнува изведбата на претставите од селекцијата за наградата „Биш“

Сцена од претставата „Вилицата на Ибен Бајерс“

Меѓународниот театарски фестивал Млад отворен театар (МОТ) и оваа година ќе ја додели наградата „Биш“, иницијатива којашто ја започна минатата година, како дел од заложбите за поддршка и промоција на домашната, пред сè, независна сцена.

На отворениот повик на кој се пријавија 25 театарски претстави од домашната независна продукција, на овогодинешното издание на МОТ ќе бидат прикажани шест селектирани претстави. На 13 ноември, во 20 и во 22.30 часот ќе бидат изведени две претстави.

Претставата „Вилицата на Ибен Бајерс“, по текст на Филип Грујиќ во режија на Борис Василевски, ќе биде изведена во НОБ – мала сцена, во 20 часот.

– „Вилицата на Ибен Бајерс“ сведочи за извонредниот подем и трагичниот пад на Ибен Бајерс, човек обземен од амбиции и заробен од смртоносна привлечност. Така, со возбудлив приказ на ненаситната потрага на еден човек за моќ, оваа претстава навлегува во вистинската приказна за протагонистот, харизматичен индустријалец чиј живот добива судбоносен пресврт кога ќе наиде на моќен напиток. Застрашувачко истражување на човечкиот дух, што ги истакнува опасностите од неконтролираната амбиција и кревкоста на нашето постоење – сплет на хибрис и трагедија, кои даваат одговор на многу навидум едноставни, но сепак комплексни човекови дилеми – стои во драматуршката експликација на претставата.

Сцена од претставата „Вилицата на Ибен Бајерс“

Во претставата играат Марјан Наумов, Ава Хусеини, Благојчо Стојанов, Томислав Давидовски, Јанка Лефкова, Гоце Андонов, Катерина Јовановиќ / Ања Митиќ и Ана Грамосли / Нина Елзесер. Драматургијата е на Стефан Миленков, музиката на Сашко Костов, сценографијата на Ненад Тонкин, костимографија на Марта Дојчиновска, дизајнот на светло е на Александар Јовановски, дизајнот на плакатот на Искра Илиеска, а продуцент е Андреа Маркоска.

Втората претстава на 13 ноември, во 22.30 часот е „Немиот келнер“, на текст на Харолд Пинтер во режија на Александар Ивановски, а ќе биде изведена во МКЦ, на сцената на кино „Фросина“.

Станува збор за политички ангажирана претстава, која зборува преку секојдневните човечки односи и се занимава со процесите и состојбите низ кои луѓето поминуваат додека се обесправени, немоќни и понижени.

– Бен и Гас се наоѓаат во подрумска просторија и се во исчекување на насоките за извршување на нивната следна задача. Но, настаните го менуваат својот вообичаен тек. Ова не е апсурд. Ова е реализам кој ја прикажува апсурдноста на нашето постоење. Сите сме ликови затворени во Пинтеровиот подрум, несвесни дека нашите животи не ни припаѓаат само нам. Веруваме дека самите ги носиме своите одлуки, цинично судиме за туѓата глупост, длабоко уверени дека ние сме поинакви. Но што кога ќе се скрши илузијата и ќе сфатиме дека целото ова време пред нас стоела чиста моќ? Бидејќи моќта е постојано тука некаде: во соседната соба, позади вратата, во ходникот. Дури и кога е непрепознатлива и скриена, законот на моќта секогаш дејствува – стои во драматуршката експликација на претставата.

Сцена од претставата „Немиот келнер“

Во претставата играат Васко Костовски и Мартин Ѓоргоски. Преводот на текстот од англиски јазик е на Марио Стојаноски. Сценографија е на Ненад Тонкин, костимографијата на Елена Кузманов, дизајнот на светло го подготви Андреј Неделковски, а дизајнот на плакатот е на Тео К. Атанасовски. Извршен продуцент на претставата е Батухан Ибрахим.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот