На денешен ден – 11 март

на денешен ден
На денешен ден / Фото: Инстаграм

1544.- Во Соренто е роден Торквато Тасо, италијански поет. Се смета за најголем италијански поет во периодот меѓу Петрарка и Леонардо. Живееше во времето на ренесансата, а во својот богат опус настојуваше да ги изрази моралните дилеми на своето време, да го фиксира судирот меѓу доброто и злото, меѓу пороците и доблестите. Најпознати негови дела се „Ослободениот Ерусалим“, „Аминта“ и „Реторисмондо“. Умре во Рим, на 25 април 1595 година.

1820.- Умре американскиот сликар Бенџамин Вест. Последните години од животот ги помина во Лондон, каде што го портретираше британскиот крал Џорџ Трети.

1857.- Умре шпанскиот писател Мануел Хосе Кинтана, следбеник на класиката. Беше секретар на бунтовничкото движење за независност во времето на Наполеон Први кога владееше со Шпанија од 1808 до 1814 година. Дела: „Ода за Шпанија“, „Ода за печатот“, драмите – „Пејало“, „Војводата од Висеа“, историското дело „Животите на славните Шпанци“, критиката „Правила на дармата“.

1885.- Роден е англискиот возач на брзи автомобили и чамци Малколм Кемпбел, кој меѓу 1924 и 1935 година деветпати го собори светскиот брзински рекорд во возење автомобил, а меѓу 1937 и 1939 година трипати во возење чамци. Во 1935 година стана првиот човек кој со автомобил возеше побрзо од 300 милји на час (483 километри). Неговите рекорди ги собори синот Доналд, кој во 1967 година загина со чамецот „Сина птица“, при поставувањето на новиот светски рекорд на вода од 527,9 километри на час.

1892.- Роден е американскиот филмски режисер Раул Волш. Филмови: „Багдатски крадец“, „Цена на славата“, „Умреа во чизми“, „Џентлменот Џим“, „Сребрена река“, „Светот во негови раце“, „Голи и мртви“.

1908.- Умре Едмондо Амичис, италијански писател и патописец. Неговите дела, романот за деца “Срце” и патописот “Холандија” се преведени на сите јазици во светот. Роден е во 1846 година.

1913.- Велика Британија и Германија постигнаа договор за границите на африканските колонии Нигерија и Камерун.

1915.- Во Чикаго на првиот народен собир 468 делагати од САД и Канада го поддржаа обединувањето на Србите со другите јужни Словени. Иселениците во резолуција истакнаа дека „единствен спас е прекинот на сите врски со Австро-Унгарија“ и формирање на единствена држава.

1915.- Велика Британија ја почна блокадата на Германија во Првата светска војна.

1916.- Роден е англискиот државник и публицист Џејмс Харолд Вилсон, водач на Лабуристичката партија и премиер на Велика Британија од 1964 до 1970 и од 1974 до 1976 година. Дело: „Војна против сиромаштијата во светот“.

1917.- Избувна Февруарската буржоаска револуција во Русија (според стариот каледнар – на 26 февруари).

1917.- Британските трупи го зазедоа Багдад во Првата светска војна.

1918.- Советската влада на чело со Владимир Илич Ленин и ЦК на РКП мина од Петроград во Москва. Тогаш Москва стана престолнина на првата социјалистичка земја во светот.

1931.- Во Скопје е роден Драган Ѓаконовски – Шпато, македонски композитор, диригент и музички аранжер. Неговото име ќе остане трајно врежано во историјата на македонската забавна музика. Како автор на многубројни забавни мелодии, на аранжмани за забавна и џез музика, на македонската сцена се појави уште во првите години по војната. Како надарен музички инструменталист формира повеќе оркестри и групи. Умре во Скопје, на 3 јануари 1987 година.

1931.- Во Куманово е роден Драгутин Аврамовски – Гуте, македонски академски сликар и графичар. Тој е еден од првите македонски апстрактни сликари и има особен придонес за развитокот на современиот графички израз во Македонија. Се занимаваше и со сценографија и илустрација. Умре во Скопје, на 12 септември 1986 година.

1938.- Трупите на фашистичкиот Трет Рајх влегоа во Австрија.

1941.- Американскиот Конгрес, на иницијатива на претседателот Френклин Рузвелт, го усвои „Законот за заем и наем“, со кој беше овозможено државата да може сите воени материјали да ги продаде, пренесе, замени, позајми, да ги даде под закуп. Со овој закон Велика Британија доби значителна помош во оружје во Втората светска војна, а САД официјално останаа надвор од војната.

1943.- Бугарскиот окупатор изврши општа блокада и рација за собирање на Евреите во Македонија. За извршување на ова масовно злосторство тајните агенти и полицијата неколку дена вршеа обемни подготовки. Недвижните имоти на Евреите беа конфискувани, а покуќнината ограбена. Откако сите Евреи (од Скопје, од Битола, Велес, Штип и од други места) беа собрани во Монополот во Скопје, на 22 март беа транспортирани во логорот на смртта „Треблинка“ во Полска, во кој, по извесно време, германските фашисти ликвидираа над 7.000 Евреи.

1945.- Во Македонија почнаа првите слободни избори за селски, градски и околиски народноослободителни одбори. На овие избори кои траеја до 25 март, за прв пат гласаа и жените, лицата со навршени 18 години и сите припадници на Југословенската армија.

1955.- Умре Александар Флеминг, шкотски микробиолог. Во 1928 година откри дека габите на мувлата го спречуваат развитокот на некои микроорганизми. Ова откритие Флеминг го нарече пеницилин, чија масовна примена започна во 1942 година. За ова откритие, заедно со Флореј и Чаин, во 1945 година ја доби Нобеловата награда за медицина. Роден е во Лохвилд, на 6 август 1881 година.

1975.- Во Лисабон згасна буната на падобранските единици против левичарската воена влада, а поранешниот претседател генералот Антонио Рибеиро де Спинола побегна со група офицери во Шпанија. Следниот ден е основан т.н. Револуционерен совет за продолжување на револуционерниот процес започнат на 25 април 1974 година со соборувањето на режимот кој во наследство го остави Антонио де Оливеира Салазар.

1976.- Поранешниот претседател на САД Ричард Никсон призна дека во 1970 година и наредил на Централната разузнавачка агенција да спречи Салвадор Аљенде да стане претседател на Чиле. ЦИА при соборувањето на Аљенде во 1973 година во многу го помогна воениот заговор на генералот Аугусто Пиноче.

1985.- Ден по смртта на Константин Черњенко, за генерален секретар на Централниот комитет на владејачката Комунистичка партија на Советскиот сојуз беше избран Михаил Горбачов.

1990.- Литванското собрание ја објави независноста од Москва. Литванија е првата советска република која излезе од Советскиот Сојуз.

1990.- Чилеанскиот диктатор генералот Аугусто Пиноче по 16 години му ја предаде функцијата на Патрисио Ајлвин, но ја задржа командата врз оружените сили.

1992.- Постариот водник Санко Ангеловски, за првпат на македонски јазик, ја прими должноста командир на караулата „Рамна Нива“ на македонско-бугарската граница во близина на Крива Паланка од својот претходник, старешината на сојузната војска Радослав Милошевиќ. Санко Ангеловски влезе во историјата како прв старешина на Македонската армија, која ја презеде обврската да командува со еден пограничен објект во обезбедувањето на македонската државна граница. На граничниот јарбол се завиори македонското знаме…

1996.- Република Македонија е примена за 39-ти рамноправен член во Северноатлантскиот совет за соработка.

1996.- Со одлука на Советот на европските министри, Република Македонија е примена во Клубот на земјите-членки на ФАРЕ.

1998.- Претседателот на Индонезија Сухарто, и покрај силните студентски протести, го започна седмиот петгодишен мандат, но набрзо беше принуден да поднесе оставка на функцијата шеф на државата.

2000.- Во експлозија на гас во рудникот за јаглен Бараково во источна Украина загинаа 81 рудар.

2002.- Во Скопје умре Илија Милчин, македонски артист и преведувач, почесен член на Друштвото на писателите на Македонија. Роден е во Прилеп, на 19 јуни 1918 година.

2003.- Во Хаг е инаугуриран Меѓународен кривичен суд. Пред овој суд, кој има мандат да суди само за дела сторени по 1 јули 2002 година, можат да се поднесат тужби за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото.

2004.- Во терористички напад на Ал Каеда на возови во Аточа, главниот железнички јаз во Мадрид, загинаа 191, а повредени беа околу 1.500 луѓе.

2006.- Умре Слободан Милошевиќ, поранешниот претседател на Србија и на Сојузна Република Југославија. Милошевиќ беше пронајден мртов во својата ќелија во затворот на Хашкиот трибунал во Шевенинген, во кој се наоѓаше од јуни 2001 година.

2007.- Во експлозија на автомобил-бомба во Багдад убиени се најмалку 31, а ранети 30 луѓе. Камионот е „дигнат во воздух“ во близина на багдадскиот колеџ Ал Мустансирија во претежно шиитската населена област Ал Карада.

2011.- Силен земјотрес со интензитет од 8,8 степени според Рихтеровата скала го погоди североисточното крајбрежје на јапонскиот остров Хоншу, создавајќи четириметарски бранови цунами кои предизвикаа разурнување во префектурите Мијаги и Фукушима. Епицентарот на потресот бил на 125 километри источно од островот Хоншу, на 10 километри под дното на Тихиот Океан. По првиот земјотрес следувале уште серија вторични потреси меѓу кои четири со интензитет од 7,1 степени. Потресот предизвика прекин во снабдувањето со електрична енергија на единствениот реактор на „Фукушима 1“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот