„Нѐ множат со нула“: ДНК слави 20 години постоење, Министерството за култура ги одби за финансиска помош

ДНК
ДНК на нивниот 18. роденден во 2020 година / Фото: Инстаграм, Владимир Блажев - Панчо

Дуото ДНК годинава слави 20 години постоење на македонската музичка сцена, голем и значаен јубилеј за нив. Владимир Блажев – Панчо и Андреја Ѓорѓиески конкурирале на годинашниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес во културата од областа на музичката и музичко-сценската дејност, но биле одбиени од страна на Министерството за култура.

Тие го искажаа своето разочарување на нивната официјална страница на Фејсбук, а објавата ви ја пренесуваме во целост.

„Оние кои нѐ следат знаат дека оваа година како ДНК славиме еден, за нас, голем јубилеј од 20 години постоење, кое ќе го прославиме со голем солистички концерт во арената „Борис Трајковски“. Датумот наскоро ќе биде објавен, а дотогаш сакаме да споделиме една информација со вас – целокупната јавност и сите медиуми.

Штотуку ја добивме информацијата која е големо разочарување за нас. Официјално, без никаково образложение, сме одбиени од страна на Министерството за култура каде што најчесно и со целосно коректно доставена документација конкуриравме на годишниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес во културата од областа на музичката и музичко-сценската дејност. Да не бидеме погрешно сфатени, не се жалиме, туку само сакаме да ви ја доловиме ситуацијата како е третирана македонската поп-индустрија и воопшто македонската музика. Затоа и сцената е таму каде што е и не гледаме светла иднина додека вака сме/се третираат македонски артисти.

Станува збор за јубилеј од 20 години. Ако бенд со 20-годишна кариера, кој зад себе има преку 60 синглови, 3 албуми, 2 големи соло-концерти(во Скопски саем), еден анплагд концерт(во Универзална сала), безброј настапи низ државата и надвор од неа, нѐ множат со нула, што останува за останатите наши колеги и оние млади артисти кои започнале кариера или планираат да ја започнат. Ова е тотално омаловажување, деградирање и непочитување на своето. За жал, секогаш сме биле деструктивни како нација и секогаш туѓото се ценело многу повеќе.

Ние концертот ќе го направиме како и да е бидејќи, пред сѐ, тоа го должиме на нашата публика која нѐ следи изминативе 20 години и ќе бидеме среќни и радосни со секој еден што ќе ни направи чест да дојде таа вечер која, за нас, ќе биде една од најбитните денови во нашите животи.

Жалиме што сме родени во оваа држава, но ја сакаме Македонија, бидејќи тука е нашата публика поради која сме тоа што сме денес и воедно која, според нас, е најдобра на свет, а тука се и нашите срца.

Министерство за култура, нека ви служи на чест“, велат од ДНК во своето обраќање до јавноста.

Обожавателка со тетоважа инспирирана од дуото „ДНК“: Панчо е оставен без зборови

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот