Фото: MZT Skopje Aerodrom/Petr Stojanovski

МЗТ Скопје Аеродром стартуваше со победа над Вршац во АБА 2 лигата

Успешен почеток на новата сезона во АБА 2 лигата за кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром. Пред своите верни навивачи во СЦ „Јане Сандански“ со доста подобро издание во вторите 20 минути, актуелниот македонски шампион го совлада српскиот претставник, екипата на Вршац, со 75:63.

Гостите беа за нијанса подобар ривал во првиот дел од играта. Впрочем Вршац го доби првото полувреме со резултат (37:34).

Но по паузата, сѐ беше на страна на македонскиот шампион. За кратко време „сино-белите“ ја анулираа таа ситна негативна разлика. Одиграа одлично во фазата на одбраната, на противникот му дозволија да реализира само 11 поени за 10 минути игра во третата четвртина. Доволно за комплетен пресврт (56:48).

И не застанаа тука избраниците на тренерот Васко Атанасов, во исто темпо ги одиграа и наредните 10 минути во кои обезбедија убедлив триумф, како одлична увертира пред мечевите кои следуваат во регионалното натпреварување во кое аеродромци секогаш имаат високи амбиции.

На премиерниот меч во сезоната, Мек Кејден во дресот на МЗТ постигна 21 поен, имаше и шест скока и три асистенции. Одлични минути имаше и Смит Мексвејн кој додаде 18, а 10 поени дојдоа од третиот странски кошаркар, Дејвис (плус и пет скока). На спротивната страна Бранислав Терзиќ имаше 17 поени и шест скока.

Во второто коло од регионалната лига, „металците“ ќе се сретнат со екипата на Сутјеска, Натпреварот е закажан за 22 октомври, а ќе се игра во Никшиќ, Црна Гора.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот