Музичко-сценскиот спектакл „Фолклорно-класична симбиоза“ ќе биде изведен на сцената на НОБ

На сцената на Националната опера и балет (НОБ) на 27 септември, со почеток во 20 часот, ќе се одржи ексклузивен настан со наслов „Фолклорно-класична симбиоза“, музичко-сценски спектакл на НУ Национална опера и балет и НУ „Танец“.

За првпат во македонската понова историја, „Танец“ и Националната опера и балет ќе прозвучат заедно, со повеќе од 130 учесници на сцена, во заедничка изведба на симфонизираните антологиски кореографии „Осоговка“, „Малешевка“, „Жетварка“, „Пиринско пролетно цвеќе“, „Водарки“, како и многу други македонски орски и вокални мелодии од богатиот репертоар на „Танец“.

Концертот ќе се одвива под диригентската палка на маестра Бисера Чадловска, концерт-мајстор е Верица Ламбевска. Настапува оркестарот, хорот и играорниот кор на НУ „Танец“, како и оркестарот и хорот на НУ Национална опера и балет.

„Фолклорно-класична симбиоза“ е проект замислен како музичка фузија на две различни традиции – класиката и фолклорот, вешто преточена во новите аранжмански партитури на Дарко Илиевски (истакнат инструменталист, автор и раководител на оркестарот на „Танец“).

Македонската јавност и македонската музичка култура во целост, ќе добијат уште едно комплексно дело со врвен уметнички израз, кое на достоинствен начин го чува и унапредува македонското музичко творештво.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот